Емил Димитриев најмногу „осиромашил“ откако е пратеник, Зекири продавал BMW-иња, Атанасов си купил камион
Мери Лазарова, во проценти евидентирала најголем зголемен имот од сите други пратеници со ажурирањето на податоците за имотната состојба. Имено, на претходно пријавениот имот вреден 19.187 евра таа додава автомобил Тојота Јарис вреден 10.071 евра и кредит од 6.991 евра. Со што вредноста на имотот по промените е зголемена скоро дупло, сега таа изнесува 36.249 евра. Нејзината месечна плата, според проектот ПЕП, изнесува околу 64 илјади денари.
Пратеникот и потпретседател на СДСМ, Мухамед Зекири, на почетокот на оваа година е забележано дека од имотната состојба му е отстрането возилото БМВ 730 Д 2010/2017. Во изјава за СКУП тој потврди дека тоа е неговата имотна состојба, додавајќи дека корекцијата се случила по пишувањата во рамките на овој проект.
„Да, тоа е мојата имотна состојба со забелешка дека при последното ажурирање сега гледам, благодарение на Вас, дека ДКСК го додала автомобилот БМВ 730 2010 година. Но, не ги избришала двата други автомобила – БМВ Х5 2009 и БМВ 730 од 2004 година, кои во тоа време ги продадов. Има промени и од месецов и во законски предвидениот рок ќе ја известам ДКСК дека неделава го продадов и автомобилот БМВ 730 од 2010 година. Вредноста на куќата не можам да ја проценам јас и затоа не е напишана. Тој дел од куќата ми е наследство од покојниот татко и од истата поседувам една деветина“, вели пратеникот Зеќири.
Сашко Атанасов се подновил со Камион Мерцедес Атего, вреден 9.750 евра со што вредноста на променетиот имот изнесува 161.273 евра. Пратеничката Жаклина Пешевска во новата година влегува со нов автомобил Форд Куга 2.0 ТДЦИ вреден 3.866 евра, кредит од 7.316 евра и префрлени средства од роднина од странство во износ од 19.996 евра. Со што претходниот имот од 18.763 евра го зголемува на 49.941 евра. Додека, пак, нејзината колешка од партијата, Даниела Рангелова на имотот вреден 15.425 евра додава долг од 228 евра месечно.
Од првичната имотна листа на поранешниот ВД премиер и сегашен пратеник, Емил Димитриев, се отстранети преддоговорот за купопродажба на стан во Кисела Вода вреден 123.097 евра и анекс Договор бр.01 кон основниот преддоговор вреден 7.528 евра, а додаден е стан со гаража и помошни простории вреден 130.625 евра. На претходната имотна листа имаше 7 штедни книшки вредни 68.421 евра, сега има две во износ од 14.198 евра. Вредноста на поранешниот имот на Емил Димитриев изнесуваше 383.501 евра, со промените таа изнесува 329.278 евра.
