Ем скапа, ем ја нема доволно- сточната храна најголем проблем и за свињарите
Скапата храна за животните и немањето доволни количини сточна храна, се најголем проблем за македонските одгледувачи на свињи, е заклучокот од денешниот состанок на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски со претставници на Групацијата за свињарство и Агенцијата за храна и ветерина.
Од Министерството соопштија дека од Групацијата за свињарство побарале да се отворат стоковите резерви со јачмен, мерка што ќе биде од голео значење за подобрување на состојбата во секторот.
Исто така за да можат да склучуваат договори со полјоделците и да можат побрзо да им ја платат жетвата, од Групацијата побарале исплатата на субвенциите за сточарите за 2012 година да биде до 30 април годинава, на што министерот Димовски им одговорил дека веќе се воведува динамика во исплатата на субвенциите и оти нивното барање ќе се земе предвид.
Како друг значаен проблем свињарите го истакнале и немањето земјиште на кое би произведувале сточна храна со што долгорочно би го решиле проблемот со набавка на сточна храна. Министерот Димовски им укажал дека на јавни огласи ќе се дава земјоделско земјиште кое ќе биде наменето само за сточарите и исклучиво за производство на сточна храна.
Сите барања, како што информираат од Министерството, ќе се разгледуваат на наредната седница на Економскиот совет во присуствуво на членови на Групацијата за свињарство.
