Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕМ ОГРАБЕНИ, ЕМ ОДАНОЧЕНИ: Кусоците од кражба се третираат како скриена добивка на трговците

ЕМ ОГРАБЕНИ, ЕМ ОДАНОЧЕНИ: Кусоците од кражба се третираат како скриена добивка на трговците

Секојдневното работење во трговијата на мало во себе вклучува опслужување на илјадници потрошувачи, што во себе го вклучува и ризикот од настанување на кражби во работењето, од страна на нечесни клиенти-купувачи, посочуват трговците.

Тие тврдат дека и покрај превентивните мерки кои ги преземаат не можат да ги сведат на нула кражбите поради кои се јавуваат кусоците во работењето на продажните објекти. Според нивните податоци, годишно трошат најмалку 6 милиони денари, или во просек од 0,2 до 1 отсто од вкупниот промет, за обезбедување на малопродажните објекти, поставување камери и звучни налепници за заштита од кражби. Но, најапсурдно за ние е што овие штети од кражби не се признаваат при оданочувањето како расход туку се третираат како скриена добивка на сопственикот.

- Невозможно е да се идентификува сторителот и моментот на кражбата, бидејќи тие се случуваат секојдневно. Во вакви случаи кражбите и не можат да се пријавуваат кај надлежните државни органи поради што не постојат соодветни докази од надлежните органи за настанатите кражби, односно не може да се обезбеди соодветна документација (полициски записник) за да може кусокот настанат од овие кражби да биде ослободен од даночни оптоварувања- велат трговците.

Кусоците вообичаено се констатираат и се евидентираат во деловните книги на компаниите по извршени пописи од пописна комисија, која подготвува пописни листи кои ги потпишуваат сите членови на пописната комисија, одговорно лице на маркетот (раководителот) и други вработени во маркетот, при што содржината на пописот е официјална, и како таква е евидентирана во финансиските извештаи (завршните пресметки).

Сепак, кусокот направен поради кражби не се признава при оданочувањето на компаниите, бидејќи државата се штити од можните злоупотреби од страна на сопствениците на трговските објекти. Поради тоа Стопанската комора на Македонија покрена иницијатива да се уреди ова прашање на соодветен начин со што ќе се избегне каква било злоупотреба.

- Во даночниот систем моментално, кусоците настанати во тековното работење во малопродажбата по основ на кражби имаат даночен третман на непризнаен расход за даночни цели, и истите износи подлежат на плаќање на данокот на добивка, данокот на додадена вредност, но и се третираат како скриена добивка на сопствениците. Според последниот став заземен од страна на Управата за јавни приходи, овие износи подлежат на плаќање на персонален данок на доход за сопствениците, иако тоа на никаков начин не произлегува од одредбите на Законот за персонален данок на доход на кои се повикуваат инспекциските служби на УЈП (член 3 став 1 точка 1 и став 2 од Законот за персонален данок на доход), бидејќи во никој случај кусокот не е лично примање остварено во пари, хартии од вредност, во натура, или во некој друг вид- велат во Стопанската комора.

Според бизнисмените, неправедно е овие кусоци, кои на годишно ниво надминуваат од 0,2 до 1 отсто од вкупниот приход, да се третираат како скриени исплати на добивка од страна на сопствениците кои се оданочуваат, бидејќи тие не се приход, на компанијата, ниту пак е исплатен приход на сопствнеикот.

- Со оглед дека станува збор за загуби кои и покрај сите мерки кои се преземаат невозможно е да се спречат во целост, не е оправдано и е економски неподносливо овој трошок да падне на товар на сопствениците. Ова особено што според законските прописи, обврзник на данокот на доход е физичко лице резидент на Република Македонија за доходот што го остварува во земјата и во странство, додека во конкретните ситуации не станува збор за остварен доход на сопствениците, туку за претпоставени приходи, кои се базираат на фактот дека не може да се идентификува лицето кое ги присвоило производите, па не може да се претпостави дека станува збор за скриени исплати на добивка, како приход на сопственикот- велат од Комората.

Според нив, треба да се изнајде начин овој вид на трошок да добие третман на даночно признаен расход, во нормирана рамка, на начин што би се спречиле можни злоупотреби. Се предлага како непризнаен даночен расход за даночни цели да не се сметаат износите на кусоците во малопродажбата утврдени со попис, а кои се предизвикани од секојдневни кражби, во висина од 0,5- 1,0 отсто од остварениот промет во пресметковниот период, по вид на трговска стока.

Слично

Поврзани вести