Елон Маск ги откри соларните кровови кои максимално ќе го користат сонцето
Елон Маск по долго очекување на јавноста ги демонстрираше новите соларни покриви кои ќе бидат многу поефикасни и ќе бидат вградени во самата кровна конструкција, наместо да се монтираат врз неа како досегашните соларни панели. Идејата е во сончеви градови како Лос Анџелес и други максимално да се искористи соларната енергија, а домаќинствата да добијат енергетска независност, па дури и да заработат.

Проектот е дело на SolarCity и Tesla со комбинирани технологии од двете компании кои се во сопственост на Елон Маск.
„Се надевам дека ова е иднината што ја сакате“, изјави Маск на презентирањето во Лос Анџелес.
Новата технологија може да се комбинира и со батеријата Powerwall 2, новиот производ вреден 5.500 долари. Новата батерија ќе биде двојно подобрена од претходната, што се продаваше за 3.500 долари. Соларните плочки можат да имаат елементи за греење како оние за греење стакло на автомобили, за топење на снег од покривите, како и за создавање и складирање енергија.

Ќе бидат достапни во 4 различни материјали од што ќе зависи и самата цена. Маск најави дека новата технологија ќе биде поевтина опција од поставувањето на обичниот покрив или дополнителното поставување соларни панели.
