ЕЛЕМ се трка со времето пред почетокот на туристичката сезона
Охридските угостители се заканија дека ќе поднесат кривични пријави против ЕЛЕМ доколку најитно не се преземат мерки за регулирање на нивото на Охридското езеро. Тоа е сè уште доста високо и сега е на 18 сантиметри над максимумот. Велат дека на прагот на туристичката сезона се соочуваат со проблеми и опасност од поплавување на објектите кои се сместени на брегот на езерото.
„Целото крајбрежје има претрпено веќе комплетна промена на самиот изглед на брегот. Видоизменети се доста плажи кои биле и од цврста градба“, рече Михаил Мишев-претседател на здружение на угостители на Охрид.
Од државните Електрани на Македонија ЕЛЕМ кои стопанисуваат со езерото, за Алсат уверуваат дека набргу нивото ќе почне да се враќа во нормална состојба.
„Свесни сме за состојбата со нивото на Охридското езеро. Ги преземаме сите мерки за нивото да се спушти.“велат од ЕЛЕМ за Алсат М.
Од ЕЛЕМ проценуваат дека за еден месец, односно до пред почетокот на туристичката сезона, езерото ќе биде на дозволеното ниво.
