Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕЛЕМ: Се произведува струја согласно потребите!

ЕЛЕМ: Се произведува струја согласно потребите!
По денешната пресконференција на СДСМ, АД ЕЛЕМ уште еднаш потсетува дека во целост ги исполнува обврските за производство на електрична енергија и оти нема дополнителен увоз од овој енергент за потребите на тарифните потрошувачи. ТЕ Битола 1 ќе биде вклучен во електроенергетскиот систем во најкус можен рок, а согласно енергетскиот биланс и планот за работа, ТЕ Осломеј и ХЕС Маврово ќе бидат ставени во функција во електроенергетскиот систем во почетокот на ноември. Сите останати капацитети на АД ЕЛЕМ произведуваат во согласност со потребите на електроенергетскиот систем на Република Македонија. Патем, во податоците за увозот кои ги прикажува СДСМ најголем удел имаат количините кои квалификуваните потрошувачи самостојно ги набавуваат на отворениот пазар, како и електричната енергија за загуби во мрежата што дистрибутивниот оператор е должен сам да ја обезбеди, појаснува ЕЛЕМ. Компанијата потсетува дека континуирано се инвестира во енергетските капацитети во земјава. „СДСМ очигледно не сака да го прифати фактот дека процесот на модернизација на постојните енергетски објекти што интензивно се одвива во последните четири години бара и нивно привремено исклучување од енергетскиот систем. Овие активности што интензивно се одвиваат во последниве четири години, разбирливо и очекувано, влијаат врз резултатите кај капацитетите врз кои се одвиваат зафатите. Во тој период во тек е сложен процес на оптимизација на работата на постојните постројки и прилагодување на работата на сите помошни уреди во електраните. Конечно, СДСМ треба да престане да ја замајува јавноста дека производството на електрична енергија е единствен фактор од кој се формира цената на електричната енергија за тарифните потрошувачи. Во крајна линија, таа според утврдена методологија ја одредува Регулаторната комисија за енергетика, а не АД ЕЛЕМ“, стои во соопштението.
Слично

Поврзани вести