Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕЛЕМ одговори на СДСМ: Инвестиции во нови енергетски проекти има!

ЕЛЕМ одговори на СДСМ: Инвестиции во нови енергетски проекти има!
АД ЕЛЕМ во целост ги исполнува обврските за производство на електрична енергија кон тарифните потрошувачи и инвестира во нови енергетски проекти, а интензивно ги модернизира и постоечките енергетски капацитети, тврдат од државните Електрани во реакција на пресконференцијата на СДСМ. Во реакцијата ЕЛЕМ уште еднаш ја потсетува јавноста дека ТЕ Битола 1 е надвор од функција поради регистрирано отстапување од номиналните параметри, а стручни и експертски екипи од термоелектраната РЕК Битола интензивно работат на целосно негово оспособување и во најкус можен рок овој капацитет ќе биде вклучен во функција. ТЕ Осломеј, пак, согласно енергетскиот Баланс пролетва е исклучен поради редовни ремотни зафати, а според предвидениот план ќе биде вклучен во електроенергетскиот систем во почетокот на ноември. „Исто така, поради планиран градежен  зафат на Толјанскиот тунел кој е најавен уште кон крајот на минатата година, во моментов во надвор од електроенергетскиот систем е хидросистемот „Маврово“ кој ќе почне да испорачува електрична енергија во согласност со потребите во текот на наредната недела. Да потсетиме, најголемата хидроелектрана во Република Македонија „Вруток“ е целосно модернизирана и е технички подготвена да испорачува електрична енергија во согласност со потребите на електроенергетскиот систем на Република Македонија.  Исто така, како резултат на проектот за ревитализација, оваа наша најголема хидроелектрана е со зголемена моќност и подобрени перформанси што директно ќе влијаат и на зголемување на производството на електрична енергија од овој хидропотенцијал’, регираат од АД ЕЛЕМ. Компанијата нагласува дека е неточно тврдењето на опозицијата оти не е изграден ниту еден нов енергетски капацитет во Република Македонија. „Само во последните неколку години се пуштени во употреба два нови капацитети ХЕ Света Петка и првиот парк на ветерни електрани Богданци, извршена е модернизација и автоматизација на ТЕ Битола, ревитализирани се сите големи хидроелектрани, отворен е нов рудник за јаглен, а во тек се активности за отворање на уште три нови јагленокопи. Истовремено, во тек се и подготвителни активности за изградба на нови електрани. Сите овие активности обезбедуваат долгорочно и стабилно производство на електрична енергија“, стои во соопштението. Конечно, се нагласува дека „на СДСМ треба да му биде познато дека модернизацијата на постојните енергетски објекти, подразбира и нивно привремено исклучување од енергетскиот систем. Овој процес кој интензивно се одвива во последниве четири години, разбирливо и очекувано, влијае врз резултатите кај капацитетите врз кои се одвиваат зафати за  нивна ревитализација“.
Слично

Поврзани вести