Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕЛЕМ ќе плати 65.000 евра за документарец за ветерниците!

ЕЛЕМ ќе плати 65.000 евра за документарец за ветерниците!
На повидок е македонска верзија на “Дон Кихот“. Државните Електрани финансираат документарен филм за изградбата на 16-те ветерници кај Богданци. Филмот, по нарачка на ЕЛЕМ ќе го направи маркетинг агенцијата „Република“.  Државната компанија ЕЛЕМ е спремна да плати 65.000 евра за снимање на документарен филм за изградбата на Ветерниот парк кај Богданци, дознава Фактор. Според информациите до кои дојдовме, ЕЛЕМ и маркетинг агенцијата „Република“ почнале да го снимаат документарецот уште кога ветерните столбови и турбини влегуваа од Грција во Македонија, со што сакаат да направат долгометражно сведоштво за како што велат, импозантниот проект, прв од ваков вид во земјава. Од ЕЛЕМ за Фактор велат дека со буџет од 65.000 евра сакаат да ги овековечат сите активности, од почеток до крај, кога е во прашање Ветерниот парк во Равенец кај Богданци. “Филмот ќе биде изработен на Македонски, Албански и на Англиски јазик.  Продукцијата е во тек, а постпродукцијата и монтажата на документарецот ќе се одвива по целосното завршување на активностите во ветерниот парк.  Во текот на документарецот за овој проект ќе зборуваат претставници на АД ЕЛЕМ од Секторот за развој и инвестиции, непосредно вклучени во реализацијата на проектот, како и претставници на производителот на опремата. Тие ќе ги пренесат своите искуства и ќе информираат за значењето на овој проект. Со оглед дека станува збор за објект од стратешко енергетско значење и проект од јавен интерес, документарецот ќе биде  прикажан  на сите електронски медиуми кои ќе пројават интерес за негово емитување. Документарецот  ќе биде даден на користење на соодветните факултети за природни науки  во Република Македонија“, објаснуваат од ЕЛЕМ за Фактор. Бидејќи на Електронскиот систем за јавни набавки не може да се најде оглас за конкретната услуга што ЕЛЕМ ја бара од „Република“, од државните Електрани објаснија дека всушност станува збор за подставка во рамки на веќе објавен јавен повик. “Изработката на документарниот филм  за ПВЕ Богданци  што се уште е во тек е предвидена како една од ставките  во рамките на објавениот  јавен повик од 20 јуни минатата година за креирање и реализација на медиумска кампања насочена кон промоција  на активностите и инвестициите во енергетиката и нагласување на потребата од рационално однесување кон ресурсите. Како што е познато, креатор и изведувач на кампањата е Агенцијата Република, а основниот буџет за целосна продукција и постпродукција на документарниот филм кој останува во трајна сопственост на АД ЕЛЕМ,  е околу  65.000 евра, согласно понудата добиена на јавниот повик од страна на избраниот економски оператор. Со оглед дека продукцијата е се уште во тек, во согласност со направените трошоци, можно е крајната цена за документарниот филм да биде и помала од првично понудената“, велат во ЕЛЕМ. Инаку, овој долгонајавуван проект на ЕЛЕМ се очекува да продуцира струја доволна да се снабдат околу 60.000 граѓани, односно минимално годишно производство од 100 гигават/часови од ветерна енергија. Тоа е само околу 2% од моменталното годишно производство. Дел од парите за реализација на Првиот ветерен парк „Богданци“  се обезбедени преку кредит од германската КфВ банка, потпишан во април 2012 година. За проектот чијашто проценета вредност е 55,5 милиони евра, заемот КФВ Банка е во износ од речиси 48 милиони евра, додека 7,6 милиони евра треба да ги обезбеди ЕЛЕМ од сопствени средства. К.П.
Слично

Поврзани вести