Електричните локомотиви тргнуваат на пат кон Македонија
Сите четири електрични локомотиви се готови и се подготвени да тргнат на пат кон Македонија, се уверила на самото место комисија составена од членови од Министерството за транспорт и врски и Македонски железници - Транспорт во индустрискиот центар во Кина во рамките на проектот со ЕБОР за обнова на возниот парк.
Истите ќе ја чинат Македонија седум милиони евра, а заемот го обезбедува Европската банка за обнова и развој. Договорот е тие да бидат испорачани на македонско тло до јуни следната година, но транспортирањето можно е да се одвива побрзо.
- Се чека само уште европскиот сертификат, односно да се изврши хомологацијата. Стандардите во Кина и во Европа не се исти и затоа ќе треба да се чека уште овој потребен документ, пред да бидат доведени - велат од Министерството за транспорт и врски.
Просечната старост на електричните локомотиви на МЖ Транспорт изнесува ппвеќе пд 33 години, според планот за работа на ова јавно претпријатие за оваа година. Најголемиот дел од товарот во транспортниот и патничкиот железнички сообраќај паѓа на електричните локомотиви, додека употребата на дизел-локомотивите и останатите возови е помала. Во 2018, според планот на МЖ Транспорт, само 14 елетрични локомотиви ги исполнуваат условите за употреба.
Договорот за четирите електрични локомотиви од кинеската компанија ЦРРЦ Џуџоу беше потпишан на почетокот од 2017 година од страна на тогашната техничка влада.
Ова е втор проект, по оној за набавка на шест нови патнички возови од истата компанија.
Оваа набавка, според МЖ Транспорт, треба да обезбеди поголема безбедност и сигурност во железничкиот сообраќај, поголем број патници, поголема брзина, енергетска заштеда, заштита на животната средина, ефикасно работење и поквалитетни услуги. Набавката ќе значи и поттик повеќе за вработените.
ЦРРЦ е основана во 1936 година и има осум децении искуство во производство и сервисирање на локомотиви. Соработува со преку 10 земји и годишно реализира набавки од околу 45 милијарди јуани.
Александар Кузмановски
