Електрична инсталација или канта со моторно масло – причина за пожарот во Пошти?
Арменд Фазлиу, шеф на Кабинетот на генералниот директор на „Македонски пошти“ Рафиз Алити вели дека е невин и не го подметнал пожарот кој избувна во управната зграда на 15-ти јануари лани.
На денешното прво рочиште од судскиот процес против него, Фазлиу се бранеше дека во моментот на пожарот воопшто не бил во зградата. Но во неговата канцеларија имало 25 литра моторно масло, кои биле всушност мостри за тендерската набавка на масло за автомобили за потребите на Пошта.
Во сведочењето пред судот, Фазлиу изрази уверување дека пожарот го предизвикал проблем во електричната инсталација или спој на продолжните кабли во неговата канцеларија. Наспроти ова, обвинителството тврди дека пожарот е предизвикан од човечки фактор.
Вештите лица утврдиле дека пожарот е предизвикан од зажарено тело или отворен пламен во корпата за отпадоци на Фазлиу и дека нема траги кои би укажале дека пожарот настанал од електрични уреди или електрична инсталација. Тој се бранеше дека во канцеларијата никогаш не пушел цигари.
На рочиштето сведочеше и директорот на „Македонски пошти“ Алити, кој нагласи дека нема да бара обесштетување, а штетите од пожарот ќе ги покрие осигурителна компанија.
„Поштата е осигурана од 1-ви јануари 2013-та година, така што компанијата со која што склучивме договор ќе се откаже од дел од премијата за да ја надомести штетата“, појасни Алити. И според него, неговиот близок соработник Фазлиу не е одговорен.
Според истрагата, штетата предизвикана од пожарот во „Македонски пошти“ се проценува на околу 100 илјади евра, но во таа сума не е пресметано исклучително вредното уметничко дело - уништениот мурал на уметникот Борко Лазески.
Слично
