Елефтерос Типос: Ципрас и СИРИЗА чекаат награда за преспанскиот договор
Грчкиот весник Елефтерос Типос во својата главна анализа во најновиот број вели дека има наоди дека грчкиот премиер Алексис Ципрас и владеачката СИРИЗА очекуваат награда од меѓународните кредитори за постигнувањето на преспанскиот договор со Скопје, така што ќе се откажат од притисокот над Атина да интервенира рестриктивно на пензиите во земјата.
Во моментов во Грција почнува кроењето на државниот буџет за 2019-та, а до 1 јануари треба да се најде начин како да се намалат расходите за пензиите, што секако ќе делува непопуларно за општата политичка клима во Грција, но и штетно за СИРИЗА пред парламентарните избори до година.
Владини извори за Елефетрос Типос велат дека додека продолжува „играта со нервите на пензионерите“ се омекнува ставот на Европската комисија, која е пред попуштање и повлекување од оваа непопуларна мерка, но дека за другите рестрикции нема да има прогледување низ прсти.
Изданието пишува дека преговорите во моментов не се движат според очекувањата на Владата и дека кабинетот на Ципрас како џокер ќе ја употреби ратификацијата на Спогодбата од Преспа за возвратен притисок над меѓународните институции да отстапат по ова прашање.
