Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕКСТЕРНОТО ЗАГЛАВИ НА УСТАВЕН СУД: Разочарани ученици и наставници!

ЕКСТЕРНОТО ЗАГЛАВИ НА УСТАВЕН СУД: Разочарани ученици и наставници!
Иницијативата за преиспитување на уставноста на екстерното тестирање на која свој потпис ставија околу 1000 наставници и која беше поднесена во септември минатата година,  заглави на Уставен. Дел од наставниците се разочарани поради како што велат бавната правда, бидејќи во нивната иницијатива се посочени нелогичностите и спорните членови од Законот за основно и средно образование кои се однесуваат на екстерното оценување и како што велат се  на директна штета штета на наставниот кадар и на учениците. Надлежните иако најавија нов концепт на владината реформа во кој требаше да  бидат вклучени предлозите и сугестиите на  сите чинители, не го исполнија ветеното. Политиката беше ставена на преден, а образованието остана во втор план. Веќе в понеделник треба да почне екстерното тестирање за матурантите кои ќе полагаат по стариот концепт, за кој минатата година и учениците и професорите јавно го изразија своето незадоволство преку бојкот на наставата и протести. Потребни се темелни промени Според професорката Данијела Ѓорѓевиќ од Наставничкиот пленум,  која е и една од потписниците на иницијативата,  на образованието му се потребни темелни промени,  стратешки а не инстант решенија. Екстерното тестирање вели е полно со слабости и нелогичности  кои се појавиле при  неговото спроведување, како на пример впишување на единицата  од тестот во сведителството, казните и несоодветниот третман кон кадарот при оценувањето. Оттука вели останало  навредувањето на напорите и знаењата на учениците, како и на работата на наставниците. “Минатата година казните ни удрија по глава, силно треснавме на дното,  па од болката се кренавме колку толку. Оваа година поради изборите и политичката состојба не се објавени резултати од екстерното за наставниците па како златните рипки ја заборавивме болката. Веројатно заслужуваме посилни шамари. Сме се соживеале со оваа тапа секојдневна болка и трпиме се додека не не здоболи силно. Чудни луѓе има во оваа професија. Човечиња, не луѓе. Човечиња што се соживуваат со своите стравови наместо да им тргнат пресрет и да се соочат. Ние неколкумина се изморивме, ама верувам дека ова е период во кој прибираме сила и пак  ќе не слушнат”-вели професорката Ѓорѓевиќ. Општествено политичката состојба, стравот и притисоците според неа веќе  ги даваат резултатите. Наставниците ги детектираат проблемите во своите кругови, но се плашат  јавно  да  ги искажат. Оттука вели неможе да се очекуваат позначителни проблеми кога се молчи пред нив и пред притисокот. “Понекогаш посакувам некој да не тресне најсилно што може, а тоа ќе ни се случи 100% кога ќе ги решат политичките проблеми што сега ги притискаат. Пред избори сите ветуваат и се надеваат дека народот кратко памти, но не  има што памтиме како слонови. Но некогаш можеби  тишината е најгласна”-вели професорката Ѓорѓевиќ. Нема реформи со постојани репресивни мерки Вака поставениот концепт со однапред познати прашања и еден тест на заокружување, според матурантите  покажува дека надлежните немаат доверба во веќе осмислените механизми за проверка во текот на учебната година и преку државната матура. Оттука велат е нејасно зошто на матурантите им е потребно постојано проверување, овој пат на полугодие со  дополнително екстерно тестирање  по нови два предмети. “Моменталниот концепт на полагање на државна матура опфаќа полагање на три екстерни предмети, од кои првиот задолжителен (мајчин јазик), вториот изборен (математика или странски јазик) и третиот изборен (од група предмети, во зависност од видот на средното образование), еден интерен изборен предмет и проектна задача. Согласно претходното воведување на државната матура како замена за приемниот испит значи дека секој матурант би избрал предмет неопходен за рангирањето при уписот на факултет, па воведувањето на било кој втор задолжителен екстерен предмет го ограничува правото на матурантот да избере предмети соодветни на неговите афинитети и желби за понатамошно образование. Полагањето на втор задолжителен предмет, без промена на наставната програма на изучување на истиот, нема да  доведе  до подобрување и зголемување на знаењето”-вели матурант од гимназијата “Орце Николов”. Наставниците,  професорите и учениците  се децидни дека не се против екстерното тестирање, но не  се согласуваат со ваков модел, преку еден тест да се проверува и оценува знаењето, а притоа тој  да ги оспорува  сите претходни во текот на годината. Механизам  на проверка велат има во речиси сите европски земји но сосема различен од овдешниот кој предвидува казни  и санкции за наставниците  и учениците. Укинувањето или ревидирањето на сегашниот модел на екстерно оценување беше барање и на Средношколскиот пленум. Средношколците минатата година организираа протести, како и кампување пред Министерството за образование и наука, бојкотирајќи ја наставата. Меѓутоа, Владата не се откажа од екстерното тестирање како реформа која ја има веќе шест години во образованието. Протестите и бојкотот на наставата премиерот ги оцени како последица на партиските влијанија, а подршката на дел од родителите како  погрешна одлука со која ги подржуваат децата во настојувањето да не учат. С.Б,
Слично

Поврзани вести