ЕКСТЕРНОТО ТЕСТИРАЊЕ ЗАВРШУВА: Што научивме од најоспоруваната владина реформа?
Денеска официјално завршува екстерното тестирање во основните и средните училишта. Поголемиот дел од нив вчера ги завршија последните обврски околу спроведувањето на најкритикуваната образовна реформа, а денеска особено петоодделенците веќе го заокружуваат крајот на годината со забава и разделување со наставниците. Сепак проблемите особено во делот на оценувањето на знаењата на учениците, според Наставничкиот пленум, оставија сериозна контрадикторност помеѓу насоките од надлежните институции дадени на наставниците и она што се мери, вреднува и оценува кај ученикот преку екстерниот тест.
Tие велат дека има одредени утврдени критериуми за примена на одредена метологија, а особено почитување на таксономијата на Блум, како модел кој треба да биде применуван во интерните тестови кои наставниците ги спроведуваат во текот на годината и кои, меѓу другото, се основа за годишната оценка. Но за жал, забележуваат професорите од Пленумот, законските решенија кај нас се носат само за заплашување и делење на откази. Тие стравуваат дека измените на законот се сериозна закана токму за оние најгласноговорните кои со аргументи и анализи пристапија на проблемот.
Што е Блумовата таксономија!?
Бенџамин Блум, 1956г. остана запаметен по својата таксономија за когнитивниот развој на децата. Таксономијата на Блум ги дели наставните цели во три подрачја: емоционално, психомоторно и когнитивно. Когнитивните вештини се однесуваат на знаењето, разбирањето и размислувањето на одредена тема. Во оваа тасономија постои хиерархија, што значи дека учењето на повисоки нивоа зависи од претходно стекнатите знаења, стекнати на пониски сознајни нивоа.
Денес оваа таксономија за учење, настава и оценување, навлезе длабоко како критериум за вреднување на постигањата на учениците во нашите училишта. Според Б. Блум, постојат различни нивоа на знаења (подредени според тежина на барањата): помнење, разбирање, применување, анализирање, вреденување и креирање. Мошне важен сегмент од таксономијата на Блум се насоките до наставниците на кој начин да го поттикнат размислувањето кај ученикот. Тоа се прави со помош на прашања кои се распоредени според тежинското ниво на скалата на Блум. Па така, за нивото знаење(кое е најниско), се поставуваат прашања од типот: наведи, опиши, поврзи, лоцирај, пронајди, изјави, именувај. За второто ниво – разбирање, се поставуваат прашања: објасни, толкувај, сумирај, дискутирај, разликувај, предвиди, повтори, преведи, спореди, опиши. Нивото применување ги опфаќа прашањата: реши, покажи, користи, илустрирај, направи, заврши, испитај, уреди. Нивото анализа ги опфаќа барањата: анализирај, разликувај, испитај, спореди, истражи, класифицирај,, идентификувај, објасни, раздели, промовирај. Нивотовреднување ги подразбира очекувањата: процени, селектирај, одбери, одлучи, оправдај, дебатирај, докажи, аргументирај, препорачај, оцени, дискутирај, рангирај, утврди. Највисокото тежинско ниво креирање, во себе ги вклучува барањата за создавање, измислување, изработка, предвидување, планирање, конструирање, дизајнирање, предложување, пронаоѓање, формулирање.
Од сето претходно кажано, според Наставничкиот пленум, теоријата на конструктивизмот и по речиси еден век од нејзиното појавување останува актуелна и отвора бројни прашања поврзани со когнитивниот, интелектуалниот, сознајниот развој на ученикот. Наставната пракса, велат сепак го има крајниот збор кога станува збор за примена на наставни методи кои го поттикнуваат развојот на ученикот.
“Примената на таксономијата на Блум во современата настава, несомнено има за цел јакнење на когнитивните способности, но и она што се нарекува целосен психофизички развој. Ова, заради фактот што ученикот со примената на повисоките нивоа на знаења станува поготвен да размислува критички, да прави анализи, да ги применува стекнатите знаења и конечно – да создава.Процесот на оценување и вреднување, доколку во својата основа ја има блумовата таксономија, овозможува создавање слика за реалните постигнувања на секој ученик одделно. Токму затоа современата настава го промовира овој концепт на интерни проверки во текот на училишната година од страна на наставникот” -велат наставниците.
Екстерното оценување, онака како е замислено и се реализира кај нас, сметаат дека целосно ја искривува вредносната рамка за постигнувањата на ученикот и со тоа му нанесува ненадоместива штета. Затоа, како што велат е нужно темелно да се преиспита системот на екстерното проверување и целите заради кои постои.
Насоки и очекувања од надлежните институции
Важна насока во процесот на оценување на учениците објаснуваат дека е примената на Блумовата таксономија како најдобар показател дека постои разлика помеѓу нивоата на знаења кај учениците. Но од Наставничкиот пленум велат дека во спроведеното екстерно тестирање очигледно е дека не постои усогласеност помеѓу насоките од надлежните како да проверуваат, вреднуваат и оценуваат наставниците од една страна и она што како очекување се вреднува и оценува преку екстерното тестирање. На наставниците, додаваат дека им се даваат насоки според тежински нивоа да ги оценуваат интерно учениците, а екстерната проверка не ги применува истите параметри со употреба на тежински нивоа.
“Тука особено важно за потенцирање е фактот дека оценката Доволен (2) според Блумовата таксономија одговара на нивото препознавање (прво ниво), народно кажано „папагалско помнење“. Екстерните тестови, составени од 30 прашања со понудени точни одговори (а,б,в,г) значи одговараат на ова прво ниво според Блумова таксономија и највисока оценка логично, би била Доволен (2). Но за жал, во пракса не е така. Екстерните тестови (така како што се опишани) имаат оценка од Недоволен (1) до Одличен (5).. Тука сосема легитимно е барањето на наставниците да се укине екстерното тестирање заради контрадикторностите и неусогласеноста на институциите кои ги даваат насоките за вреднување на знаењата на учениците (Биро за Развој на Образованието) и оние кои вршат екстерна проверка на истите знаења (Државен Испитен Центар)”- нагласуваат наставниците и професорите.
Последиците од овие контрадикторности, според нив се невалидни оцени, оштетени ученици, имликации по аворитетот, кредибилитетот, платата и професионалниот и кариерен развој на наставниците, како ии можност наставникот да го загуби работното место. Но сепак, потенцираат дека најголемите последици ги трпат децата, затоа што наставниците, училиштето, образовниот систем и општеството им дава лажна слика за нивните постигнувања и реални знаења.
“Учениците, родителите, наставниците, воспитно образовниот процес и квалитетот на наставата, како и општеството, трпат сериозни штети промовирајќи погрешни образовни модели и создавајќи некомпетентни луѓе за живот и работа во општеството. Надлежните забораваат дека важноста на процесот на следење кој е постојан, континуиран и непрекинат и тој претставува основа за градење реална слика за одредени состојби, зависно од предметот на вреднување. Во секојдневната училишна пракса, низ разни форми, евиденциски листи, белешки, водење досие се следи работата на предметот на следење, ученик, наставник, педагог, психолог, директор, за на крај да може да се вреднува неговата работа и постигања”-објаснуваат од Пленумот.
Задача на вреднувањето е велат, да се утврдат слабостите на наставниот процес, да се предложат конкретни мерки, вклучувајќи измена на наставни програми за да се задоволат развојните потреби на учениците и да се обезбеди поуспешно раководење со наставата.
“Ако го имаме предвид фактот дека вреднувањето на постигнувањата на учениците во текот на училишната година е цел еден процес кој во себе обединува: следење, проверување, мерење, оценување и конечно- вреднување не само на знаењата, туку на севкупните постигнувања на учениците, тогаш повеќе од очигледна е апсурдноста на екстерното тестирање како „објективен“ и единствен инструмент за оценување и вреднување на нивниот годишен успех. Но вистинската штета нанесена врз учениците е легитимирањето на таа оценка и влијанието врз крајниот успех на ученикот. Со тоа на ученикот му се нанесува штета која има далекусежни последици во неговиот понатамошен образовен развој”- сметаат наставниците и професорите.
Државата, преку законското озваничување на екстерното тестирање и сереиозните имликации врз учениците и наставниците, врз квалитетот на наставниот процес, е велат, одговорна за создавање на нација која ќе има половични знаења, но која целосно ќе биде ослободена од етички и морални норми, нација без чувство на одговорност за личен и општествен развој.
“Мотивацијата е клуч за секој успех во животот на поединецот и во неговата работа. Мотивираниот наставник го оживува часот и побудува желба за истражување кај своите следбеници – учениците. Наставниот процес е живот во мало, живот во одделенска заедница, живот во училиште. Овој живот тече и се одвива секој ден по седум часа. Активноста на учениците и нивните водачи му даваат душа на мебелот и на ѕидовите. Тоа е она што се нарекува мотивација за делување и создавање. За младите научни умови, претесна е рамката на екстерниот тест за да се вреднува и оценува нивното знаење., способности, вештини, интереси, заложби, мотивација”-нагласуваат професорите.
Во отсуство на знаења, способности, вештини, ставови, вредности, принципи, особини, чувства, прашуваат : Каква нација сакате да создаваме?
“По добивањето на резултатите од екстерните тестови, наставниците и училиштата не добиваат увид во грешките кои се направени при тестирањето. Понатаму, приговорите испратени од учениците никогаш не наидуваат на позитивен одговор од страна на некој кој е задолжен од ДИЦ.Наставникот нема можност за поднесување на жалба во однос на добиеното отстапување.Учебната 2013/2014 година на екстерното тестирање за учениците кои полагаа во Август, на голем дел од нив им беше соопштено дека ќе полагаат општообразовен или стручен предмет, но полагаа ИЗБОРЕН ПРЕДМЕТ, со што строго беше прекршено правилото дека 3 дена пред испитот ученикот ќе знае што полага”-реагират од Пленумот.
Во продолжение тие даваат една споредба за критериумите за оценување на тест од вкупно 30 поени (секое прашање по 1 поен – иако се со различна тежина)
Имликациите врз успехот на учениците се сериозни и штетни
“Оценката од екстерен тест е званична и се пишува во свидетелството на ученикот. Таа се пресметува во просекот на успехот на ученикот. Тоа значи дека битно влијае врз просекот на ученикот и неговиот краен успех. Во пракса, како прв проблем се јавува оценката Недоволен (1) како непреодна оценка. Според Законот за основно и средно образование, ученик не може да помине во повисоко ниво на образование (од клас во клас) без да добие преодна оценка по било кој предмет. Ова значи дека свесно се нанесува штета на ученикот кој не може да го продолжи своето образование понатаму, особено ако планира тоа да го направи надвор од границите на земјава”-велат од Пленумот.
Тие се децидни во ставот наставниците дека екстерното оценување не е мерило за успехот на учениците и не е одраз на знаењата на учениците, ниту е валиден инструмент кој ги прикажува нивните знаења стекнати во текот на учебната година. Резултатите од екстерниот тест, како што велат не смеат да бидат официјални и званични и да бидат внесени во свидетелството на ученикот, затоа што со тоа им се нанесува голема штета на учениците. Овие забелешки со сериозни анализи и аргументи за нив, како што најавија ќе бидат мотив за долго и работно лето, а веќе од септември и нови начини за излез од образовната криза.
С.Б.
насловна фотографија: https://www.flickr.com/photos/fosim/sets/72157649815828713/
| Оценка | 1 | 2 | 3 | 4 | 5 |
| Критериуми на БРО | 0-7 | 8-12 | 13-19 | 20-23 | 24-30 |
| Екстерно (јуни 2014) | 0-6 | 7-10 | 11-18 | 19-22 | 23-30 |
| Екстерно (февруари 2015) | 0-8 | 9-13 | 14-20 | 21-25 | 26-30 |
| Екстерно (јуни 2015) | ? | ? | ? | ? | ? |
Слично
