Економија, финансии, бизнис

Контакт

Екстерното „падна”  на првиот тест: Како тоа се прави во светот?

Екстерното „падна”  на првиот тест: Како тоа се прави во светот?
Иако надлежните од Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар излегоа со соопштение дека процесот на екстерно тестирање за учениците од завршните години се одвивал непречено во сите средни училишта, дел од матурантите безмалку два часа  чекале да се рехабилитира системот за екстерното  тестирање бидејќи како што им било речено не работел серверот.  Ова реагираат учениците е уште едно репризно издание на проблемите за кои  досега неколкупати минатата година  заедно со професорите алармираа преку јавно изразеното незадоволство со бојкот на наставата и протести. И покрај неколкугодишното  искуство во имплементацијата на  владината реформа,  во пракса велат се покажува реален проблем во системот кој паѓа не само во мрежата туку и во начинот на составување на прашањата, па наместо како целина тие се одговараат преку еден тест со препознавање на точните одговори. “Не почнавме навреме, чекавме повеќе од еден час, имаше галама меѓу учениците, тестаторите и набљудувачите ни рекоа дека не е страшно ќе се среди проблемот, серверот не функционирал. Професорите се труедеа да се одржи ред во училиштето. Иако тврдат дека го унапредуваат, тие всушност го уназадуваат целиот систем, бидејќи пак ги имаме истите проблеми со кои ниту тие, ниту ние не може да се справиме” –вели матурантка од скопската гимназија “Ѓорѓи Димитров”. Реагираат и дел од професорите. Велат се чекало неколку часа да стартува екстерното што и кај нив и кај учениците предизвикало нервоза и напнатост. “Ладно, децата нервозни, наставниците немоќни, набљудувачите авторитативни и наоружани со лабаво алиби од типот "е добро де, се случува." Да. Се случува. А не смее, ако се сака да се остави впечаток на сериозно одмерен, технички исправно креиран и одржлив систем кој треба да опслужи истовремено толкав број на корисници, чисто од технички аспект. Настрана сето останато од воспитен, педагошки и било каков аспект за кој веќе не ми се ни зборува” –пишува на својот фб профил професорката Елизабета Секирарска. Екстерното тестирање според дел од просветните работници е најкритикуваната владина реформа која велат не дава реални резултати на знаењето и постигнувањата на учениците во текот на целата учебна година, туку парцијални знаења кои се учат за неколку дена и исто толку брзо се забораваат. Како модел на проверка екстерното е познато во образовните системи,  но резултатите служат за пронаоѓање на слабостите во еден воспитно- образовен систем и  изнаоѓање нови, поефикасни образовни модели и креирање политики кои ќе водат кон подобрување на квалитетот на образованието. “Веројатно слабиот успех на нашите ученици беше причина да се воведат националните екстерни тестови како една од можностите за воспоставување на контрола на квалитет во образованието.Но прашање е дали е постигната крајната цел-квалитет и знаење? Но од друга страна можеби и недовербата на самите креатори на образовните политики во кадрите кои ги вработуваат” -реагираат дел од професорите. Велат дека целата структура на системот на казни и награди, како и системот на професионален и кариерен развој на наставниците се засновани на погрешни основи-врз резултатите од екстерното тестирање. Оттука сметаат дека треба да се бара нов модел за јакнење на образовниот систем, но заснован на почит, уважување, свест, култура, советување, доверба, креирање вредности. “Сé додека политиката е во образованието, дотогаш ќе имаме погрешни луѓе на одговорни места, лоши резултати од работата на училиштата, слаби знаења кај учениците и незадоволни родители. Но тоа се однесува и за процесот на будење кај наставниците. Време е наставниците да ги превземат работите во свои раце и да сфатат дека друг не може да ги бие нивните битки и дека со знаење и аргументи ќе можат да ги придвижат работите кон подобро функционирање на работите во образованието”-потенцира  професорка од Наставничкиот пленум. Кои системи и како  го спроведуваат екстерното тестирање: САД веќе 20 години имаат искуство со (Output-standards) екстерни тестирања на учениците (Previšiċ,2007:121) и според анализите од американското искуство (Lind,2004, Amrein I Berliner,2002), ваквиот начин на проверка се покажал како неефективен. Најмногу приговори се однесуваат на конструкцијата на тестовите и мерните инструменти, а особено на тоа дека знаењата за стварноста се редуцираат врз мерливи знаења, дека компетенциите се осиромашуваат за оние димензии кои не се објективно мерливи. Англискиот образовен систем е комбинација од input и output ориентација. Тоа подразбира посветување подеднакво внимание и на интерните проверки и следење на постигањата на учениците во текот на училишната година, но и национално спроведување на тестирање. Наставниците укажуваат дека националните тестирања не се доволни за целосно вреднување на постигнувањата на учениците. Честите проверки предизвикуваат стресни ситуации кај учениците. (Whitburn,2000,31, според Previšiċ,2007: 130) Стандардите се насочени кон она што ќе биде тестирано и предизвикуваат „учење за тест“ што сосема ја губи целта заради која постои екстерната проверка. Во Р. Финска, националното тестирање се однесува само за учениците во последната година од основното образование. Притоа, нивните ученици веќе десетина години наназад се на првите места според резултатите на меѓународните тестирања. Важно за напомена е дека тие континуирано покажуваат одлични резултати не во покажување на знаењата како усвоени факти, туку во решавање на „проблем ситуациите“. Ова укажува на силните напори на сите чинители на образовниот систем да се стави акцент на суштината, не на  формата. Кај секој граѓанин во ова општество постои изразена свест за образување и делување во општество засновано на знаење. Во Р. Словенија екстерното тестирање од страна на државата се спроведува на крајот од првиот, вториот и третиот тригодишен образовен период. Значи на крајот од трето, шесто и девето одделение. Резултатите од тестирањето имаат формативна улога. Тие, главно служат како увид во степенот на знаења на учениците од одделни предмети (а се тестираат мајчин јазик, математика и најчесто странски јазик) и да се креираат образовните политики за средно образование. И покрај слабите резултати на меѓународните тестирања (PISA-2001,2002,TIMSS-1995), Германија нема спроведувано екстерни тестови на национално ниво, но сите расположиви човечки ресурси ги има екипирано за определување на образовните стандарди со кои ќе се осигурува на квалитет во образовниот систем.Користејќи ги искуствата од Германија и Австрија го јакне образовниот систем со определување стандарди (за сите подрачја) без да воведе национално екстерно тестирање. Средношколците на Генерален пленум Од Средношколскиот пленум велат дека деновиве оствариле  средба со претставници на иницијативата Unioni i nxënësve të R.Maqedonisë - Сојуз на учениците на Р.Македонија на која се зборувало  за заеднично делување против  како што велат лошите реформи во образованието со кои се урнисува прогресот на младите и се гази по нивната  иднина.Следните активности ќе ги конкретизираат  на денешниот Генерален пленум од чии заклучоци ќе следуваат идните чекори на учениците од пленумот. С.Б.
Слично

Поврзани вести