Економија, финансии, бизнис

Контакт

Екстерно за студентите: меѓу летаргијата и политиката!

Екстерно за студентите: меѓу летаргијата и политиката!
Додека надлежните кројат законски решенија за судбината на македонските студенти, поголемиот дел од нив молчи и чека да види какви изненадувања ќе им донесат најавените законски измени во високото образование. Од Студентскиот парламент молк. И покрај тоа што со воведувањето на два државни испити  за студентите во втора и четврта година,  може да биде ставена во прашање иднината на идните академски граѓани, од СПУКИМ сеуште нема став дали и како ќе делува студентското движење на најголемиот и најстариот Универзитет во земјава.  Дел од неговите членови негодуваат дека ниту се виделе ниту се сретнале со раководството кое делува и одлучува во нивно име, но сепак чекаат битката да ја извојуваат нивните похрабри колеги-студенти,  кои иако свесни за притисоците и последиците јавно го искажуваат незадоволството од новите идејни решенија за високото образование. Дали по примерот на  претходните  така и овие измени на Законот за високо образование ќе пројдат без никаква реакција од страна на студентската заедница, бидејќи традицијата налага молк пред авторитетите и реакција на последиците наместо на причинителите на проблемот? Новковски: Власта сака да стави рака врз високото образование Со најавата за  измени во  законот  за високо образование власта се надминува самата себеси во апсурдни решенија кои не постојат никаде во светот-смета екс министерот за образование и наука Ненад Новковски. Според него,  очекувано е репрезентативната студентска организација да молчи, поради интересот да го задржи добриот однос со ресорното министерство.
“Во поглед на студентите ќе има три категории-првите од комитетите, партиски играчи кои имаат задача да ги спроведуваат решенијата на партијата на теренот. Тие ќе бидат наградени, ќе добиваат бенефиции преку овие дополнителни системи, ќе им се подобруваат оценките во однос на она што би го добиле во нормален систем и затоа ќе бидат заинтересирани. Други ќе молчат да не настрадаат и  секако третата категорија се правдољубиви,  кои ќе бидат исфрлени од ситемот и најтешко ќе поминат. Како што се случува со професорите, се исфрлаат тие што ќе зборуваат,  сега ќе се исфрлаат и студентите”-вели универзитетскиот професор и екс министер за образование,  Ненад Новковски.
Тој потенцира дека   високото образование е разновидно и во него се применува принципот на автономија,  бидејќи се работи за изразено висока компетентност на голем број од  професорите  и за најголемиот број на значајни дисциплини,  каде има еден или двајца луѓе кои ги покриваат истите. Тогаш практично никој друг неможе да каже како да се оценуваат студентите и какви се нивните постигнувања и знаења. Овие идејни законски решенија, вели Новковски,нема кој да ги спроведе,бидејќи  се случува за некои предмети кога на факултетите има  најголем стручњак од некоја област, за тоа подрачје да  треба друг дополнително да ги оценува студентите. Ова, завршува Новсковски  е апсурд. Испитување на студентите, а со тоа и на самите професори од страна на надворешно тело е целосно навлегување во автономијата на државните универзитети-реагираат и од студентската организација “Слободен индекс”.  Со тоа решение ,според нив,  владејачката класа си овозможува дополнителен начин да ги претвори државните универзитети во “џелати”  на власта и фабрики за механизирани и роботизирани работници.
“Нарушувањето на автономијата и независноста на УКИМ ја забележавме многупати до сега, но никогаш во ваква јасно изразена форма. Секој факултет си има свое управувачко тело, лица одговорни за сите работи коишто се вршат на факултетот, како и професори кои ги оценуваат студентите според нивните критериуми. Тие професори се здобиле со своето звање преку јасно дефинирана процедура, а со тоа што таа процедура е дефинирана и со закони, значи дека овозможувањето на тоа лице да биде професор не поминало без „амин“ на државата. Ваквото додатно, екстерно испитување, го дискредитира звањето на секој професор на државните универзитети, бидејќи неговото стручно мислење станува ирелевантно”-вели Бојан Матовски од “Слободен индекс”.
Според него, дополнително, според ЕКТС, сите студенти можат да запишуваат и да презапишуваат  предмети од актуелната, како и од претходните години, имајќи предвид две основни правила, за  ограничувањето на минимум и максимум кредити, како и редоследот на запишување на предмети: задолжителни, па изборни. Воведувањето на екстерно тестирање за студентите, додава Матовски, претставува демонстрација на недоверба во сопствениот систем но и уништување на слободата на студентите да студираат подолго време заради субјективниили објективни причини.
“Нашата студентска организација  не се согласува со политичкото уредување на УКИМ и останатите државни Универзитети, како и со ЕКТС, туку дека тоа што политичката класа воведува одредени закони и прописи кои потоа самата ги регулира или дискредитира зборува за нивните заднински намери, или во најмала рака за нивната неспособност во управување на државните Универзитети, а на крајот на краиштата, самата непотребност да се меша во работата на овие научно образовни институции, односно да ја нарушува нивната автономија”- вели  Матовски.
Идеите за вакви нелогични измени во Законот за високо образование не треба да изненадуваат, особено не по последните и предпоследните измени на Законот, во 2013 и 2011 година, со кој церемонијално се предаде автономијата на Универзитетот во рацете на Министерството за образование-реагираат и од студентската организација”Излез”. Тие велат дека тогашните измени кои се случија на “мала врата”, без претходна консултација на законодавецот со академската фела, предвидоа сериозен упад во автономијата на Универзитетот и со нив беше означен ударот врз високообразовниот систем.
“Тогаш истапија единствено неколку професори со јасен став за измените, секако без поддршката од студентите и покрај тоа што на крај секогаш тие ги носат последиците. Законот тогаш пројде, измените беа усвоени, академските професори и студентите го поминаа тестот и едноставно се даде зелено светло за идни измени за чија суштина остануваше само да предвидуваме. Воопшто не е логично да размислуваме дека новите предложени механизми ќе го подобрат квалитетот на образованието и со тоа системот ќе продуцира квалитетни кадри, бидејќи се работи за системска грешка и не може да се очекува со државни испити да се подобри квалитетот на високообразовните кадри” - смета Благица Петрова од студентската организација “Излез”.
Според неа, уште пред неколку години се отвори прашањето за потребата од ревизија на ЕКТС системот во Македонија, но  тоа реално никогаш не се случи. Наспроти тоа, вели Петрова, се случија низа измени во Законот за високо образование кои наликуваат на инстант мерки за крпење на конкретни „дупки“ во системот. Нови законски измени -дремлива студентска јавност Новите  предложени измени, според ” Излез”,   јасно укажуваат на тоа дека се работи за итна потреба од механизми за коректура на пазарот на трудот бидејќи  во последните години Универзитетот исфрлил  голема бројка на недоволно квалитетен кадар и тоа благодарение на новововедениот ЕКТС систем. И денес наместо да се размислува за стратегија за системско подобрување на квалитетот на образование се  практикуваат  инстантни решенија на моментални проблеми.
“Статистиката покажува дека постои голема невработеност кај младата популација во Македонија и логичниот последователен чекор би бил упис на студии. Постои исто така голема бројка на студенти кои се запишале на факултет со една цел, да излезат од државата. И во вакви услови не можеме да зборуваме за критична студентска маса која ќе покрене иницијатива за решавање на суштинското прашање - квалитет на високо образование. Во вакви социо-економски услови, нормално е да очекуваме да се задуши и она критично студентско јадро кое вегетира последните неколку години. Она што преостанува е да се надеваме дека сега, за разлика од претходниот пат ќе има дебата по ова прашање, а студентите организирано ќе истапат со нивен став и нивни барања” –додава Благица  Петрова.
МОН: Преку државни испити до квалитет во високото образование! Надлежните од друга страна,  со новата реформа очекуваат  “филтрирање” на квалитетниот кадар во високото образование и добивање на заслужени дипломи за оние студенти кои според нив ќе покажат квалитет и знаење. Тие оставија отворена можност за предлози и сугестии за новиот концепт преку дебати, јавни расправи  и анализи кои треба да ја вклучат и академската заедница. С.Б.
Слично

Поврзани вести