ЕКСТЕРНО: „Владеење на незнаењето”
Екстерното тестирање повторно го разбуди гневот кај учениците, родителите и професорите. Критики стигнуваат од сите страни, особено што тестовите велат се полни со нелогични и во целост недефинирани прашања. Најдраматично според родителите е кај четвртоодделенците кои во некои училишта плачеле бидејќи компјутерите се исклучиле на среде тестирање, други пак наишле на прашања за кои немало ниту еден понуден точен одговор или воопшто немало одговори. Ова за нив и за нивните родители е стрес под кој, велат живеат со недели.
Дополнително за родители сенка фрлаат и прашањата кои внесуваат конфузија кај учениците бидејќи тие треба да знаат да одговорат „Од што зависи бројот на членовите во општината?“ ,„Како се избираат претставниците од редот на граѓаните кои го сочинуваат Советот на општината?“, „Каде се спроведува локалната самоуправа?“. Предавања и одговори, иронично забележуваат родителите ќе треба да почнат да се бараат во општините и партиските штабови.
“Ова е близу памет. Ние реагиравме и на родителските состаноци и на почетокот на учебната година за тоа што се учат односно им се сервира на нашите деца. Од најрана возраст ги спремаат за политичари. Зарем ќе дозволиме и детството да го гледаат низ призма на власт и лојалност, на значењето на партиите? На ваков начин само уште еднаш потврдуваме во кој образовен хаос се наоѓаме, а со сигурнист на тој начин нема да се добие доверба”-вели Н. Николовска –родител на ученичка во четвртто одделение.
Реакции стигнуваат и од Средношколскиот пленум кој денеска пред Министерството за образование и наука ќе ги објави најспорните и нелогични прашања кои на нивна адреса стигнале од основци и средношколци од повеќе градови. Од Пленумот велат дека реакциите на учениците и родителите се очекувани, особено поради фактот што најкритикуваната и најспорна образовна реформа- екстерното тестирање беше и “каменот на сопнување” во нивните обиди за преговори со надлежните.
“Нашата борба за подобро и поквалитетно образование не завршува со прекинот на бојкотот на средношколците. Реакциите за екстерното се доказ дека нешто не е добро осмислено и спроведено. Ние укажавме дека е потребен мораториум на законите и сериозни и стручни анализи за потребата од спроведување на екстерно тестирање на овој начин. Смешно е и жално колку многу труд вложуваат и децата и родителите само за екстерното кое неможе ни по дефиниција да се нарече ваков проект, бидејќи се знаат прашањата и одговорите. Ние не се откажуваме, кажавме и ќе повториме денеска уште еднаш, ова е само почеток на средношколското делување кое го артикулира гневот на учениците”-вели Бојан.Ј од Средношколскиот пленум.
Средношколците реагираат дека на екстерното имало и прашања кои не се содржат во учебниците, ниту пак во наставната програма и истите не биле обработени во текот на наставата. Еден од примерите кои се нејасно и конфузно поставени прашања, според учениците е делото “Мртви души” од Н.Б. Гогољ по македонски јазик и литература за кое има неколку прашања, а воопшто не се обработува во трета година гимназиско образование.
“Дискутабилен е и случајниот избор на предметите што се полагаат бидејќи јас веќе трета година по ред полагам македонски јазик и литература, со што се чувствувам оштетена и обесправена бидејќи со предмет од 400 прашања имам 3 дена за подготовка како и соучениците со предмет од 200 прашања”- вели ученичка од Средношколскиот пленум.
Реагираат и наставниците. Според нив наместо посебноста на секој ученик и неговите заложби и успеси во одредена научна дисциплина да бидат мотив и поттик повеќе да напредува и да го осознава светот на науката, денес се соочени со стравот дали ќе ја задржат оценката која сосема сигурно ќе се одрази на крајниот успех.
“На екстерното едни одговараа на прашања по природни науки, други по предметот англиски јазик, трети по предметот македонски јазик кој патем речено се изучува со пет наставни часа седмично, па според тоа учениците имаа можност (особено оние најсовесните, најодговорните и одличните) изминатите два дена да ги симнат од интернет прашањата кои броеја 500 и да ги повторат за денешното тестирање. Ова за нив е очигледно единствениот начин да се осигураат дека ќе ја задржат оценката која со мака и труд е стекната во текот на годината, а која не е резултат само на знаењата на децата, туку и нивните способности да се применат тие знаења во праксата и во животот, која е резултат на нивната љубов кон науката, чувството на одговорност кон себе, кон работните обврски, кон родителите, кон другарите, кон средината, кон татковината, кон човекот и кон планетата…оценка која е резултат на сите додатни активности во училиштето, со која ученикот се издвојува како индивидуа”- потенцира професорката Билјана Димковска од Наставничкиот пленум.
Посебноста кај учениците, според неа ја јакне самодовербата, ја зацврстува желбата за истражување, влијае врз постигнување на целите кои стојат како предизвик,а таа посебност која прави да се биде единствен, свој не се добива преку квиз-тестови. Екстерното тестирање, вели ги става учениците во шаблон, рамка на размислување, граница што ги изедначува сите ученици во начинот на очекуваниот одговор.
Ако заедничка цел е градење општество засновано на знаење, тогаш според професорката Димковска треба да се насочат напорите кон градење силен образовен систем од кој ќе произлезат граѓани кои ќе остваруваат лична благосостојба и ќе работат на развојот на демократските општествени процеси и ќе создаваат општествени вредности. Но за тоа, во општествени рамки, мора да се создаде амбиент во кој секој граѓанин ќе стане свесен за својот личен придонес кон општествениот развој, амбиент во кој чувството на одговорност ќе стане двигател кон развојните процеси. Во такви услови според неа е можно да се постават темелите на новиот образовен систем од кој ќе произлезат граѓани, компетентни за живот во 21ви век.
Надлежните од друга страна уверуваат дека ниту до Државниот испитен центар, ниту до службите на ресорното министерство не стигнал ниту еден приговор за нелогичности или грешки во модалитетот на прашањата од екстерното тестирање. По завршувањето на екстерното тестирање на 10-ти јуни незадоволните ученици и родители ќе можат да поднесат приговори по кои ќе постапува посебна комисија од Министерството за образование.
Слично
