Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕКСТЕРНО ТЕСТИРАЊЕ: Студентите се мобилизираат, реформата на стаклени нозе!

ЕКСТЕРНО ТЕСТИРАЊЕ: Студентите се мобилизираат, реформата на стаклени нозе!

Студентите се поорганизирани во идејата против воведувањето на ”екстерно тестирање”. Велат се поактивно се формираат студентски групи на повеќе факултети, кои ќе работат на омасовување на иницијативата на “Студентскиот пленум” за да се стопира идејата  за воведување на два државни испити од кои ќе зависи иднината на идните академски граѓани.

По трите собири на неколку факултети,  во вторник повторно ќе се соберат пред Градежниот факултет. Очекуваат помасовна подршка од своите колеги бидејќи носењето на ново законско решение кое би значело дополнително екстерно тестирање од кое ќе зависи нивната иднина, ќе удри директно по грбот на студентите.

Тие велат дека на третиот студентски пленум ќе бидат дискутирани следните чекори на делување.  Дополнително ќе  побараат  секој професор да разговара за оваа тема  и јавно да го истакне своето мислење, бидејќи според досегашните искуства не се разговара за „екстерно тестирање“ како една од повеќе алтернативни мерки за контрола и зголемување на квалитетот на високообразовните институции,  туку само за начините на изведување на овој модел.

Веруваат дека   при креирање на јавна политика мора да постои јасно издеференциран проблем, кој ќе биде суштински анализиран. Решението велат дел од нив,  треба да биде избрано од спектар на можни решенија, по остварена консултација со засегнатите страни.

Дејан Лутовски -студент на Правниот факултет “Јустинијан Први” вели дека вчерашниот протестен собир пред Ректоратот на УКИМ бил  задоволителен, со оглед на краткото време за ширење на информацијата.

“Имаше студенти од повеќе факултети на УКИМ, а не само тие чии факултети се во Кампусот. Конечно се почувствува заедништво и артикулиран отпор кој се надеваме во иднина ќе резултираат со отстварување на барањата на студентите.После подолго време, конечно се чувствува студентска иницијативност и желба за активно вклучување во општествените текови. Мислам дека „Студентски Пленум“ има капацитет во иднина од иницијатива против екстерното тестирање, да прерасне во вистинска и масовна демократска студентска организација, која ќе биде средство на студентите за остварување на своите права. Генералното расположение на студентите е дека предлогот за екстерно тестирање е апсурден и дека треба да се отфрли по секоја цена. По ова прашање постои солидна основа за мобилизација и доколку се успее да се издејствува да нема екстерно тестирање, во иднина студентите би биле многу повеќе уверени во сопствениот капацитет за промени и би покренале и други прашања кои се значајни за високото образование кај нас. Нема официјален и унифициран став од професорите, ама од неформални информации и разговори со дел од нив, можам да кажам дека во најголем дел професорите се на страна на студентите” -вели студентот Дејан Лутовски.

Да се преиспитаат постоечките механизми на евалуација!

Дел од студентите сметаат дека е потребно  да се преиспитаат постоечките механизми за евалуација на високообразовните институции  и да се утврди дали се функионални и дополнително дали  поради лоша имплементација не ја остваруваат својата цел. Дополнителна бирократизација  и комплицирање на системот за контрола на квалитет со воведување на нова постапка како екстерно тестирање, велат,   може да го даде сосема спротивниот ефект.

Студентот по право Дарко Малиновски вели дека меѓу многуте мотиви за воведување на државните испити како мерка за евалуација на знаењето и филтрирање на најдобрите студенти, најчесто споменуван мотив е зголемувањето на  квалитетот на образованието.Според него, дури и високообразовните институции да имаат  проблем со исполнување на некои од критериумите за обезбедување на квалитет, веќе постојат механизми кои треба да го решат проблемот.

“Доколку се  бараат  аргументи за овој став, можеме да истакнеме дека со истиот предлог-закон по кој се дебатира, а никаде не се појавува, се ограничува правото на образование, се нарушува автономијата на универзитетот и тој се коси со Болоњскиот модел на студирање по кој критериум за оценување не претставува само знаењето на студентот, туку и семинарски работи, присуство, лично залагање и активност на студентот. Дури и да постои „екстерно тестирање“, без разлика колку се коси со Уставот и европските принципи, како тој преку оценување на секој поединечен студент допринесува за зголемување на квалитетот на образованието?”-вели Малиновски.

Тој потенцира дека доколку се носат било какви законски измени во високото образование, во изготвување и конципирање на истите,  треба најактивно да бидат вклучени студентите и академската заедница,а ресорното министерство  да се јави повеќе во улога на медијатор и  процесот да биде што е можно потранспарентен.

“Анализирајќи ги повеќето изјави дадени на медиумите од министерот, заменик министерот и премиерот, ми се чини дека се доста настојничави на идејата за „екстерно тестирање“ како модел и се сомневам дека можеби некаков нацрт-закон постои некаде, но само се бара поддршка - односно молк за неговото донесување.Ние сметаме дека ова законско решение воопшто не би требало да се донесе, доколку во него содржи некој облик на екстерно тестирање на студентите од страна на државните органи”-додава студентот по право Дарко Малиновски.

Квалитет на високото образование преку самоевалуација!

Терминот  “квалитет на високото образование” според студентката Марија Мирчевска е мултидимензионална категорија која се оценува ако се земе во предвид Упатството за критериумите за начинот на обезбедување и оценување на квалитетот на  факултетите но и на академскиот кадар во Македонија усвоено од ресорното министерство,  која се разгледува преку организациски менаџмент и изведување, настава и учење, истражување и развој, и општествена оправданост. Но, според неа останува отворено прашањето  дали овие индикатори за развој на високото образование се општо прифатени и се почитуваат.

“Секој сегмент е разработен со посебни индикатори. Логично се поставува прашање, доколку имаме проблем со квалитет на образование, кој од индикаторите МОН смета дека системски  не се исполнува  ( затоа што мерката се однесува и на државни и на приватни универзитети) и на која основа се донесени заклучоците за неисполнување. Министерството во најавата на мерката не ги дава овие одговори, што се неопходни за да утврдиме дали државниот испит навистина е најсоодветното решение за лоцираниот проблем”-вели  Мирчевска.

Надворешната евалуација,  според неа  е  комплементарна и од истата  се бара да е во согласност со почитување на институционалната автономија, вклучување на претставници на студентите и пазарот на труд во процесот на надворешна евалуација, користење на наодите од внатрешната евалуација при надворешно евалуирање. Особено вели е важно  што  надворешната евалуација треба да има јасно дефинирана цел и да не претставува дополнителен товар на факултетите.

“Секоја високо образовна институција спроведува самоевалуација, ангажира надворешен субјект кој и врши надворешна евалуација, дополнително на секои 5 години подложи на наворешна евалуација спроведена од  Одборот за акредитација и евалуација, на основа на која може да и биде одземена акредитацијата за работа. Дали со евентуално воведување на оваа мерка министерството  признава дека овие мерки се неефикасни во обезбедувањето на квалитет? Во тој случај  треба да  зборуваме каде е проблемот со веќе постоечките механизми за обезбедување на квалитет и да се насочиме кон нивно елиминирање”-додава Марија Мирчевска.

Досега, според студентите македонскиот високобразовен систем не препознава ваква ригорозна санкција, како што е предвидена со државниот испит  и според кој ако 2 пати  не се положи истиот се губи правото на образование. Додаваат, ако студент не положи предмет, постои опција истиот да се преполага во наредни сесии, односно да го презапише предметот или во некои случај да ја презапише и годината. Дури и со приемните испити што се уште се практика на некои факултети, ако не се запише тековната академска година, нема ограничување студентот  да се обиде повторно наредната, а дополнително  нема ограничување ни на временскиот рок во кој треба да се завршат студиите.

Каде е Студентскиот парламент?!

Студентката Александра Живковиќ вели дека симптоматично е што последните студентски собири не се подржани од Студентскиот парламент при УКИМ, а токму тие се најповиканите и репрезентативно тело кое треба да ги претставува и застапува нивните интереси.

“СПУКМ скоро никогаш и да не поддржал иницијатива поттикната од самите студенти,така да не изненадува зошто не се појавуваат на студентските пленуми. Уште повеќе, СПУКМ 1 месец по најавувањето на воведувањето на државниот испит сеуште нема никаков став по ова прашање. Ова сведочи за тоа колку студентскиот парламент при УКИМ вистински ги застапува интересите на студентите на најголемиот државен универзитет во Македонија.  СПУКМ имаа и средба со Министерот за образование и наука, но не слушнавме што се зборувало на оваа средба, и што рекле официјалните студентски претставници”-вели Александра Живковиќ.

Од Студентскиот парламент и покрај нашите обиди не одговорија дали ќе ги подржат нивните колеги во организираните студентски средби и отворено ќе го објават својот став за можните законски измени во високото образование.

С.Б.

Слично

Поврзани вести