ЕКСТЕРНО ТЕСТИРАЊЕ: Борба со ветерници!
Пленумите се се погласни против екстерното тестирање кое велат онака како што се спроведува кај нас нуди само рестриктивни мерки, а не и знаење и реално оценување. За нив велат ова е едночасовна тажна пиеса, сведена на 30 прашања кои немаат никаква врска со она што навистина го знаат и умеат и учениците и наставниците.
Уставноста на екстерното тестирање ќе биде разгледувана од Уставниот суд, на иницијатива на околу 1000 наставници. Наставничкиот пленум ја поднесе иницијативата со која ги оспорува членовите од Законот за основно и средно образование кои се однесуваат на екстерното оценување.
Недозволиво и противзаконски е велат единицата да фигурира во официјалните документи, казните и несоодветниот третман кон наставниот кадар да бидат мерка за поткусурување и заплашување. Дополнително, според нив овој по сите основи апсолутно дискутабилен механизам сосема погрешно се подига на ниво на валидна алатка која треба да го вреднува знаењето на ученикот и објективноста на наставникот.
“Мене како човек кој не е во политика ме интересира само мојата партија-тоа е образованието и воспитувањето на учениците и квалитетот на образовниот процес. Ако зборуваме за самиот концепт екстерно тестирање сметам дека е со огромни грешки, од подготовка на прашањата па се до оценување на наставниците. Ако треба да се прави анализа оние кои се заинтересирани за квалитетот на образованието-државата, предметните наставници- професорите, родителите и учениците, од сите четири чинители само државата е задоволна од начинот на кој е спроведено екстерното. Како е можно тоа, не ми ејасно? Од друга страна, ниту учениците се задоволни, ниту наставниците. Има други механизми за проверка. Цели институции постојат. Само со еден клик и на еден тест неможе да се оцени ниту знаењето ниту работата на наставникот. Кој друг ќе се бунтува и ќе реагира, ако не најзасегнатите”-вели професорот Благојче Ѓорчевски од Наставничкиот пленум.
Пленумите се обединети во уверувањето дека новите закони од областа на образованието на му прават штета со несогледиви последици на поединецот и на колективитетот. Гушењето на креативната мисла според нив значи погребување на образованието во едно општество. Наградувањето и казнувањето врз основа на погрешен принцип и параметри е начин да се уништи енергијата која е сржта на воспитниот и образовниот процес. А кога нема енергија додаваат – нема резултат и нема квалитет и развој.
“Ние од воведувањето на екстерното тестирање немаме никакво подобрување на квалитетот туку напротив назадување. Ако декларативно или суштински Владата се залагаше за внесување на креативноста и предприемачки дух кај младите тогаш ништо не се доби со екстерното. Апсолутно спротивно, нема креативност, брзо носење на одлуки, решавање на проблеми. Ако предприемачки дух е како децата да научат да се снајдат, да препишат или да стигнат до прашањето - тоа е друго!”-додава професорот Ѓорчевски.
Забелешките на наставниците одат пред се во насока на фактот дека и покрај тоа што екстерното тестирање се спроведува веќе шеста година, досега надлежните не излегоа со издржана и аргументирана анализа на ефектите кои од него произлегле низ годините и со ниту еден суштински и професионално поткрепен со факти став не докажаа како што велат дека овој вака искреиран и со вакви механизми спроведен систем навистина е алатка за подигање на квалитетот на образованието. Напротив, велат образовниот систем никогаш досега не бил поблиску до нивото кое не може да се поврзе со квалитет и подалеку од нивото кое еден здрав воспитно-образовен организам мора да го подразбере.
Директен и несоборлив доказ според нив се масата ученици кои од клупите не изнесуваат знаење кое нивниот ум од затворен ќе го преобразат во отворен затоа што ги научиле да мислат, туку носат механизми на снаоѓање усовршени до ниво на уметност и дискутабилни фактографски усвоени секвенци, архивирани во нивните мозоци по потреба и во интерес на ситуационото изведување на едночасовната тажна пиеса, сведена на 30 прашања кои немаат никаква врска со она што навистина го знаат.
“Екстерното тестирање како инструмент не ги оправда очекувањата, нека излезат со анализа бидејќи со години наназад треба да се види дали има подобар квалитет, не само оценката-таа често не е мерило на знаењето и релевантна на проверката. Нека ги повикаат практичарите и да видиме што треба да се превземе. Незнам како со екстерното ќе ја мерат воспитната компонента? Со 24 прашања или со 200 прашања однапред познати?! Да не се залажуваме, врски постојат и ќе постојат, станува збор колку грешката од врските е помала, од екстерното тестирање таа грешка е поголема”- нагласува професорот Ѓорчевски.
Од Наставничкиот пленум се надеваат дека иницијативата до Уставниот суд ќе биде сериозно разгледана, особено од оние кои се повикани да ја преиспитаат уставноста на екстерното тестирање. Очекуваат да се разгледаат пропустите во креирањето и спроведувањето на овој модел на тестирање, особено во однос на навредувањето на напорите и знаењата на учениците, како и на работата на наставниците, а екстерното да се стави во мирување додека да се донесе подобро решение.
С.Б.
Слично
