Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕКСТЕРНО ОЦЕНУВАЊЕ: вистинска реформа или целосно промашување?!

ЕКСТЕРНО ОЦЕНУВАЊЕ: вистинска реформа или целосно промашување?!
Екстерното оценување во центарот на вниманието и кај учениците и кај родителите. Судејќи според минатогодишните искуства дел од нив реагираат за тоа што содржи новиот концепт “отворен базен” од прашања. М.В, родител на четвртооделенец реагира на прашањата по одредени наставни предмети. Според него е промашен целиот наставен концепт во однос на возраста и интересот на учениците, па оттука воопшто не изненадуваат и прашањата.
“Кога отворив да погледнам, навистина се изненадив. На четвртоодделенец му се поставуваат прашања по општество од типот: „Каде се спроведува локалната самоуправа?“, „Како се избира Советот на општината?“, „Што прават младенците кога склучуваат брак во општина“, или по македонски јазик „Дарко добил задача да пишува за посетата на Музејот на македонската борба. Што треба да направи Дарко? „Што се подразбира под ТВ-емисии?“ Екстерното тестирање на површина ги покажува слабостите на македонското образование во целина”, вели родителот М.В.
Дали преку екстерното оценување годинава ќе се стимулира само препознавање на одговорите на прашањата наспроти вистинското учење и повторување на материјалот? Дел од стручната јавност и невладиниот сектор сметаат дека екстерното оценување не смее да го стави во подредена положба наставниот кадар за сметка на казните и наградите кои ги чекаат овој период, ниту пак дополнително непотребно да ги оптовари учениците. Од друга страна, надлежните уверуваат дека токму преку новиот модел на екстерно оценување ќе се добие знаење и квалитет. Од Младинскиот образовен форум за Фактор велат дека после ланските промашувања во целите на екстерното оценување и серијата технички пропусти при реализацијата, нема јавни информации дали овие недостатоци се отстранети.
“МОФ не забележа анализа на начинот на реализација на екстерното оценување во досегашните фази и сметаме дека учениците, наставниците, родителите и јавноста не се убедени дека овој зафат го подобрува образовниот процес. Единствено, сведоци бевме на промена на концептот во друга крајност, преку воведување "отворен базен прашања", за што исто така не видовме врз основа на која анализа и кои аргументи се донесени овие промени”, вели Марјан Забрчанец од МОФ.
Според него, сеуште не постојат информации и аргументи кои потврдуваат дека "отворен базен прашања" е концепт кој ќе го подобри образованието кај учениците, имајќи во предвид дека постојат дилеми дали на ваков начин повеќе се стимулира препознавање на одговорите на прашања наспроти вистинско учење. Не постојат анализи кои ќе одговорат дали ваквиот концепт не стимулира стресно учење на памет во краток рок. Пред екстерното оценување да се официјализира и да се нуди како концепт кој, меѓу другото, влијае и на конечниот успех на учениците, од МОФ бараат истото да се пилотира за да се провери како функционира, за да има можност и време да се отстранат сите негови недостатоци.Од таму ги повикуваат сите ученици кои ќе забележат технички или други пропусти при екстерното оценување или прекршување на нивните права, да се обратат до Советодавниот сервис за права на млади, со цел нивните тимови да обезбедат насоки и совети за нивна заштита. Поранешниот министер за образование Ненад Новковски смета дека екстерното оценување со веќе познати прашања има смисла да се употреби после детална проверка и доколку се направат сите потребни корекции и да се поминат сите филтри за да се исправат недостатоците.
“Вообичаено е екстерното оценување да служи како модел на подготвување, самостојно да се види нивото на познавање на материјата. Начинот на кој се користат резултатите е исто дискутабилен бидејќи треба да се користи за полза на учениците и наставниците и за ништо друго, бидејќи ќе нанесе само штета. Вака како што е поставено оценувањето го урива системот на вреднување на континуирано оценување, а создава и лош амбиент за работа”, вели Новковски.
Екстерното оценување под лупа на Народниот правобранител! Народниот правобранител и оваа година ќе го следи спроведувањето на екстерното тестирање. Од таму велат дека сеуште е рано за претставки на нивна адреса бидејќи прашањата се достапни само неколку дена, но имајќи ги во предвид поплаките на учениците и родителите од минатата година бурно ќе ја следат состојбата со годинешното спроведување на новиот модел на екстерно оценување. За ланското оценување биле нотирани големи пропусти и недоследности.
“Народниот правобранител постапувајќи по претставките на родители и ученици и следејќи ја состојбата со екстерното тестирање констатира дека истото поминало со многу проблеми и пропусти.Утврдени се пропусти како во однос на начинот на кој што бил организиран и спроведен, така и недоследности и прекршувања на законските рокови, како и прашања кои не се целосно уредени со правната регулатива, а кои произлегоа од практичното спроведување на екстерното проверување на учениците во основните и средните училишта, со што беа прекршувани правата на децата, без за тоа никој да сноси одговорност”, велат од секторот за односи со јавност на Народниот правобранител.
Од таму потсетуваат дека од поднесените претставки минатата година, Народниот правобранител ги констатирал слабостите и пропустите како тоа дека во повеќе основни училишта учениците и родителите навремено не биле известени за екстерното тестирање, особено во руралните подрачја, прашањата по одделни предмети биле превземени од наставниот материјал кој не им бил предаван на учениците, тестовите содржеле прашања на јазик кој не е официјален. Меѓу другото Народниот правобранител нотирал пропусти во однос на рокот за отпочнување на тестот, паѓање на системот, неисправни комјутери, единици во свидетелствата без можност ученикот да ја поправи оценката. Токму затоа оценуваат дека за квалитетно и професионално спроведување на екстерното оценување е потребно отстранување на пропустите, зајакнување на капацитетите на службите во основните и средните училишта и нивна соодветна обука со вештини и знаења. Народниот правобранител укажува на потребата од почитување на основните принципи за недискриминација и право на образование на децата. Учениците неправилностите или грешките од изготвените 425 800 прашања по 5141 предмет од сите струки и насоки ќе можат да ги пријавуваат до 16-ти мај. Со тестирањето ќе бидат опфатени околу 190.000 основци и средношколци и 18 000 наставници. Ќе се полага од 2 до 10 јуни а предметите ќе бидат познати само на три дена пред полагањето. Б.С.
Слично

Поврзани вести