Екстерно ќе има, најавени се уште 4 крупни промени во високото образование!
Министерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми, и неговиот заменик министер Спиро Ристовски денеска ги претставија новите пет развојни законски решенија во кои сепак оставен е простор за воведување државен испит.
Новите предлог – законски решенија за образование, според министерот, имаат за цел да се подобри целокупниот квалитет во образовниот процес.
Со овие предлог мерки се предвидува формирање на Академија за наставници која ќе работи на стручно усовршување на студентите кои ќе завршат на некој од педагошките факултети.
Целта е студентите кои завршиле на овие факултети да поминат уште осум месеци обука по што ќе се стекнат со лиценца.
„Во насока на подобрување на стручната компетентност и подготвеност на наставничкиот кадар во основните и средните училишта, предлагаме нов Закон за Академија за наставници. Истиот предвидува основање на една посебна јавна установа – Академија за наставници, која по принципот на работење на Академија на судии и јавни обвинители, ќе работи на стручно усовршување на студентите произлезени од наставничките факултети. Нејзин главен фокус ќе биде зајакнување на педагошко-психолошко и методскиот аспект на професијата наставник“, истакна министерот Адеми.
Сепак за да се стекнат со право за следење на осуммесечната обука студентите ќе мора претходно да полагаат приемен испит за да добијат статус на кандидат.
За студентите пак, кои немаат завршено наставна насока обуките ќе траат 12 месеци, а за тоа време ќе добиваат стипендија,во висина на просечна месечна плата.
„Предлог законот ќе се однесува за студентите кои допрва ќе се запишуваат на педагошките факултети. Но, истиот предвидува и стимулативна компонента за наставниците кои се веќе во работен однос и не се лиценцирани.Доколку се пријават во Академијата за наставници, се обучат и лиценцираат, месечната плата ќе им биде зголемена за 3.000 денари“, рече министерот за овразование и наука, Абдулаќим Адеми.
Со реформите во Болоњскиот систем се предвидува покрај писмено, знаењето на студентите да се проверува и преку усно полагање, државен испит, приемен испит за странски државјани.
„Третиот предлог закон се однесува на изменување и дополнување на Законот за високото образование, кој превидува четири суштински новини. Првата, се однесува на редефинирање на Болоњскиот систем. Втората новина се однесува на воведување на задолжителен усмен испит, покрај писмениот, заради унапредување на комуникациските вештини и начинот на изразување на студентот. Третата новина, којашто веќе е и актуелна во јавноста се однесува на воведувањето државен испит, како механизам за верификација на академското знаење и за проверка на ефектот од она што како држава сме го вложиле во идната академска заедница. Како Влада цврсто сме убедени дека државниот испит ќе придонесе за унапредување на квалитетот на високо образовниот систем. Тоа е единствената причина за негово воведување. Сите останати тези, од типот дека со државниот испит се нарушува автономијата на универзитетите, државата сака да ги контролира професорите, да им наштети на студентите, да заработи на нивна сметка и слично, се само мит фабрикуван од одредени политички структури. Четвртата новина е воведување на приемени испит за студентите странски државјани“, истакна Адеми.
Со новите предлог – мерки се предвидува докторски студии да може да се запишат само на петте најдобро рангирани факултети по Шангајската листа. Измените утре ќе бидат објавени на веб страната на Министерството за образование и наука.
За реформите предвидени се јавни расправи во кои ќе може да се вклучат сите засегнати страни.
Слично
