Економија, финансии, бизнис

Контакт

Екстерно фијаско, се спремаат приговори!

Екстерно фијаско, се спремаат приговори!
Резулататите од екстерното тестирање уште еднаш ја извадија на површина нелогичност од спроведување на една лоша и сама по себе непотребна метода-велат револтирани родители и ученици кои вчера на огласните табли во училиштата ги прочитаа негативните оценки-1 кои ќе влезат во општиот успех на учениците. Поради екстерното и законски предвидениот рок за приговори од три дена скоро во сите основни и средни училишта е одложено земањето на свидетелствата. Учениците велат дека неможат да здивнат иако официјално е завршена учебната година. Психолошкиот притисок и слабиот успех за дел од нивните родители е доволен мотив да се приклучат кон оспорување на според нив лошите одредби во новите законски измени за основно и средно образование. “Секако дека ќе го ставам својот потпис на претставката која се подготвува до Уставниот суд, но барем според досегашните искуства не сум голем оптимист дека нешто драстично ќе се промени. Поголеми поместувања очекувам за два месеци кога и децата и ние ќе им застанеме повторно под прозор. Многу сум револтирана бидејќи мојот син по математика има негативна еден, по англиски 3. И двете оценки се со големи отстапки бидејќи во редовна настава има 4 и 5. Незнам по кој критериум ги оценуваат, ќе почекам да ми го образложат приговорот пред училишната комисија ”-вели мајка на ученик во седмо одделение. Револтот не е ништо помал и кај наставниот кадар кои се на уште поголеми маки-како да го задржат работното место?! “Многу од децата кикснаа и сега поради нив имам отстапки од 2 или повеќе оценки. Моментално стравувам за моето работно место поради новите измени во Законот за основно и средно образование.Има колку сакате нелогичности, сите предмети не се опфатени со екстерното и сега некои колеги треба да се чувствуваат комотно други да се тресат како лист дали ќе си го задржат лебот?! Дополнително е проблем што не знаеме по кој критериум се оценети тестовите, нема објаснување, ниту одговор од надлежните, па сега вината ќе ја  бараат или правдаат преку училишните комисии “-вели професорка од скопската  гимназија “Кочо Рацин”. Принципот на награди и казни за наставниците, заснован врз резултатите од екстерното тестирање, сметаат наставниците,  прави ненадоместиви штети на наставниците кои стравуваат да не го загубат работното место, да бидат несоодветно платени или сериозно да биде нарушен нивниот кредибилитет.Деновиве забрзано се подготвуваат за институционална и правна борба до Уставниот суд “Од Уставениот Суд на Република Македонија, бараме укинување на екстерното оценување и укинување на поврзаноста на резултатите од ваквото оценување врз вреднувањето, оценувањето на наставниците во основните и средни училишта во Република Македонија. Професионалниот и кариерен развој на наставниците во основните и средните училишта, заснован врз погрешни основи – резултатите од екстерното тестирање на учениците, за нас е незамислив и неостварлив.Затоа, Законот за наставници во основните и средните училишта, како и Законот за Академија за наставници,  за нас се целосно нелегитимни и неприфатливи и очекуваме Уставниот Суд на Република Македонија да ги прогласи за нелегитимни и штетни за наставниците, нивниот кредибилитет, достоинство, за нивното право да го задржат работното место, можноста да се усовршуваат и да напредуваат во својата кариера онака како доликува на луѓето кои воспитуваат, образуваат и ги втемелуваат вистинските вредности во личноста на младите”-велат од Наставничкиот пленум. Според нив вреднувањето на постигнувањата на учениците во текот на училишната година е цел еден процес кој. Вистинската штета велат е  нанесена врз учениците  со легитимирањето на таа оценка и влијанието врз крајниот успех на ученикот кој ќе  има далекусежни последици во неговиот понатамошен образовен развој. “Државата, преку законското озваничување на екстерното тестирање и сериозните имликации врз учениците и наставниците, врз квалитетот на наставниот процес, е одговорна за создавање на нација која ќе има половични знаења, но која целосно ќе биде ослободена од етички и морални норми, нација без чувство на одговорност за личен и општествен развој. Континуираното следење, проверување, мерење, оценување и вреднување на постигнувањата на учениците од страна на наставникот може да создаде приближна реална слика за она што ученикот го постигнал во текот на годината и да создаде услови и амбиент за нивно подобрување, но никако еден тест од кој ќе завиди се”- додаваат од Пленумот на наставници. За знаењата кои објективно се немерливи! Ако воспитно образовните цели за одредени наставни подрачја подразбираат оспособување на учениците за усно раскажување, јакнење на изразот и правоговорот, оспособување за логично и критичко мислење низ дијалог, дебата, оспособување за говор, предавање, презентација,излагање,тогаш според наставниците  и професорите  се поставува логично прашање: Зошто тоа не се вреднува и оценува во екстерниот тест, а се поставува како образовна цел во наставните планови и програми? Тие наведуваат бројни примери  во секојднавната пракса. Пример: Македонски јазик, девето одделение, основно образование, наставна содржина бр.84 се однесува на формативно оценување на учениците на усно изразување во прераскажување на фабула од текст. Форми на работа: Индвидуална, дијалошка (низ дискусија) Според професорите нејасно е како екстерниот тест ќе ги покрие овие параметри. Потоа како што велат,  каде ќе се оцени богатството во изразот, стилот на речениците, реченичните конструкции, акцентирањето, разбирливоста во прераскажување за да ја разберат фабулата и оние кои не ја прочитале презентираната содржина, дикцијата, логичките паузи, дожувувањето. Оттука формативно оценување е одраз на усното изразување, а оценката станува и дел од подоцнежното сумативно оценување. Самиот процес на реализација на екстерното тестирање од страна на надлежните државни  институции, велат дека   содржи бројни аномалии и недостатоци. “Неретко, учениците, особено учениците од одделенска настава, се соочуваат со стресна ситуација кога заради пречки во системот не можат да почнат со тестирањето и во такви случаи постои поголема можност реално да не го покажат своето знаење.Исто така, во бројни случаи, учениците по принцип на договарање заокружуваат одговори.По добивањето на резултатите од екстерните тестови, наставниците и училиштата не добиваат увид во грешките кои се направени при тестирањето. Понатаму, приговорите испратени од учениците никогаш не наидуваат на позитивен одговор од страна на некој кој е задолжен од ДИЦ”- објаснуваат од Наставничкиот пленум. Наставникот велат  нема можност за поднесување на жалба во однос на добиеното отстапување.Според Законот за основно и средно образование, ученик не може да помине во повисоко ниво на образование  без да добие преодна оценка по било кој предмет. Ова значи дека свесно се нанесува штета на ученикот кој не може да го продолжи своето образование понатаму, особено ако планира тоа да го направи надвор од границите на Р.Македонија. Импликациите на резултатите од екстерните тестови врз можноста да се изгуби работното место на наставникот! “Наставникот кој две години по ред има поголемо отстапување од две оцени, добива отказ.Во пракса, 2013год. за време додека екстерното тестирање беше пилот проект, наставник кој е награден и прогласен за најдобар просветен работник на ниво на државата, денес е казнет заради отстапување во екстерното тестирање. Сиптоматично е што најдобрите наставници кои со децении постигнуваа најдобри резултати во својата работа, денес се казнети. Дали тоа не треба да ги замисли надлежните институции во државата дека нешто не чини со ситемот кој се промовира, озаконува и кој им нанесува штета со несогледиви последици на наставниците, но и на сите учесници во образовниот процес.Во услови кога наставникот е изложен на таков вид на закани и казни, невозможно е да се мотивираат, насочуваат, водат, поучуваат и всадуваат вистинските вредности кај оние кои допрва треба да го градат личниот живот и општеството”-објаснуваат наставниците. Импликациите на резултатите од екстерните тестови врз кредибилитетот на наставниците, велат од Пленумот е сериозен, бидејќи врз основа на резултатите од еден тест, наставникот се етикетира како способен или неспособен да го оцени знаењето на секој ученик поединечно, иако го следи, проверува, вреднува и оценува во текот на цела година низ различни облици на проверка (усно, писмено, есејски прашања, истражувачки проекти, интерни тестови, натпревари, воннаставни активности. Од Наставничкиот пленум велат дека се подготвени  да ја истераат битката докрај, бидејќи  иако многупати досега прашаа, сеуште немаат официјален одговор: Кој е одговорен за штетата нанесена на наставниците и за нарушување на нивниот авторитет? С.Б.
Слично

Поврзани вести