„Екстази“ за бикот и „тродон“ за мечката?
Многу позитивни вести за големите банки како шлаг на добрите финансиски резултати, на што претходеше заплетот со „Макпетрол“ чија уверитра беше со вадење на орочените пари кои во одредена мерка завршија на берзата. Ќе се појави ли бикот оти се успала мечката?
Македонскиот берзански индекс МБИ-10 по подолго од една година ја проби психолошката граница од 2.000 индексни поени. Многу позитивна и охрабрувачка вест за сите што ја следат и тргуваат на Македонската берза. Сите бараат одговори што се случува на нашиот пазар на капитал. Работата тргна од скромните трансфери на орочени пари во акции, па обидот за превземање на „Макпетрол“, позитивните резултати на големите банки, враќање на трендот на менаџери да купуваат акции во банките, продажбата на „Сити мол“ и позитивното влијание врз резервациите на банките, шпекулации за продажба на „Стопанска банка Скопје“. Инфлација од позитивни вести кои рака на срце имаат и материјални докази. Сите се единствени дека нешто се задвижува во позитивен правец, дека ова што се случи или се случува не е само „балонче“ какво што сме навикнале да гледаме во последниве година или година и половина.
Кои се фазите?
Прво се случи пролетното повлекување на депозити и заштеди од домашните банки во периодот кога луѓето се плашеа за своите пари. Се покажа дека беспотребно се плашеле. За некои од нив вадењето на пари беше прашање на време, а шпекулацијата со девалвацијата беше само повод, затоа што генерално не беа задоволни од приносот на депозити што стануваше „смешен“. Поголем дел од парите полека се враќа назад во депозити, но некои решија дел да остават надвор или да се обидат и да одберат акции во кои ќе вложат.
Веројатно во периодот кога дел од тие што размислуваа во што да вложат откако ги извадија парите од депозити со смешни камати, се случи најавата за обид за превземање на „Макпетрол“. Таа сага официјално почна на 9 јуни кога „едикојси“ објави дека има намера да ја превземе најголемата македонска котирана компанија. Очекувано најбрзите почнаа да купуваат со мислата „ќе се извозиме добро на овој бран и ќе заработиме во услови на беда која не чека како и секое лето“. Компанијата и официјално достави понуда за превземање до КХВ која пак препрати до антимонополската управа или Комисија за заштита на конкуренцијата.
Оваа ќе преиспитува. Во меѓувреме акцијата на „Макпетрол“ од 17.000 денари стигна до 25.000 денари. Почнаа да купуваат и менаџерите во „Макпетрол“. Во инвеститорската заедница јавна тајна е дека група индивидуални инвеститори кои подолго време се , може да се каже во одредена мерка и маркет-мејкери, на нашиот пазар одлучија да продадат „Макпетрол“ и да влезат во други акции. Логично на мета беа блучипови како „Комерцијална банка“, „Гранит“, „Алкалоид“ , „Македонијатурист“, „Гранит“ , НЛБ Банка „Стопанска банка Скопје“... Индексот расте, летото е во ек, а цените наместо вообичаено да паѓаат одат нагоре.
Второ инвеститори се охрабруваат од позитивните полугодишни извештаи на големите банки, на „Гранит“, „Алкалоид“, „Македонијатурист“ и други добри компании.Се создаваат услови за да се охрабрат други инвеститори кои продолжуваат да купуваат и да ги подигаат објективно потценетите цени на најдобрите акции. Побарувачката останува силна, за овие услови, во континуитет индексто МБИ-10 расте, голема е веројатноста дека дел од парите што не беа вратени во депозити и заштеди веќе се вложени во горенаведените блучипови затоа што билансите покажуваат дека дивидендите ќе бидат подобри од каматите на депозитите.Следуваат и големи истргувани количества во споредба со месечните просеци.
Трето почнуваат да се плетат старите добри брокерски прикаски за продажба на една од големите банки или веќе за продажба на две големи банки. Па идат солидните извештаи за продорот на „Гранит“ на странски пазари, па големиот нов договор. Па очекувањето дека грчката НБГ Банка, доминантно поседувана од грчката држава, можеби ќе се продава на странски партнер и импактот врз „Стопанска банка Скопје“. Аналогијата иде од тоа што банката што ја поседуваа во Турција веќе ја продале, веќе има најави за солидна дивиденда на бугарската аквизиција ОББ банка, дури дека преговараат и за продажба на бугарската банка. И аналогно на тоа дека „Стопанска банка Скопје“ ќе биде дел од пакетот исто како и банката на НБГ во Албанија.
Причина за тоа била во ЕЦБ (Европската централна банка) која пред осум години и даде 13 милијарди евра на НБГ и и поставува ултиматуми на НБГ да враќа пари, па ако треба и да продава свои банки во регионот. Сепак роковите што и ги дава ЕЦБ на НБГ никој не може со сигурност да ги каже. Како и да е овој „динамит“ ја крена во воздух акцијата на Стопанска банка Скопје и тоа до ниво близу до 700 денари. Количините се солидни што може да значи дека инсајдерите веќе имаат информации. Кај банките генерално е позитивно расположението на инвеститорите и тие го држат ова ниво особено од аспект на неговата ликвидност. Тоа секако се одразува и на другите акции од МБИ-10.
Се генерираат позитивни вести. „Комерцијална банка“ има солиден раст на добивка во третиот квартал, такво нешто се очекува и кај НЛБ и кај „Стопанска банка“. Во инвеститорската кујна веќе се обработи и информацијата за фамозната продажба на „Сити мол“. Таа се очекува да биде катализатор за билансите на „Комерцијална банка“ и на НЛБ Банка заради тоа што наводно двете банки имале изложеност во тој проект. Неговото купување значи дека банките ќе дбијат пари кои ги зајмеле во проектот и дека врз основа на тоа ќе бришат резервации што добро ќе влијае врз нивните добивки.
Сега дополнително позитивно ќе се толкува и веста дека долгогодишниот прв директор на „Комерцијална банка“ Хари Костов купи 1.000 акции со право на глас. Тоа сигурно многумина ќе го толкуваат како сигнал за „мрсна дивиденда“.
Останува да видиме како ќе се развива оваа позитивна приказна која охрабрувачки влијае врз нашата инвеститорска заедница.
Р.Ф.