Економија, финансии, бизнис

Контакт

Експертите за извештајот од Брисел: Лош сигнал или очекувана порака?

Експертите за извештајот од Брисел: Лош сигнал или очекувана порака?
По објавувањето на Извештајот за напредокот на Македонија кон Европската унија, експертите со поделени мислења - дали документот ја одразува реалната слика за состојбите во земјава? Фактор објавува дел од нивните ставови: Андреја Стојковски, НВО Центар за европско образование: Во некои области како на пример судство, слобода на говор, политички критериуми ја отсликува совршено реалната состојба. Во делот на останатите поглавја состојбата е многу ублажена. Со други зборови, овој извештај можеше да биде многу полош/покритичен! Името не го толкувам, иако проблемот кој го посочуваат укажува на замор кај Унијата од стагнирањето на преговорите во рамките на ОН и недостатокот на волја кај обете страни. Што се однесува до меѓуетничките односи, Извештајот посочува на потребата Владата да работи како единствена институција и да прави политики, односно да носи одлуки за државните интереси кои ќе ги обединуваат сите етнички заедници кои живеат во државата. Арсим Зеколи, поранешен македонски амбасадор: И владиниот волк сит, и опозициските овци на број и стопанот среќен за санитарната дистанца од нас. Очекуван Извештај во кој на Владата и се дава препорака на сметка на земјата, на опозициската јавност доволно материјал за критика без ефект, а новата Комисија ја потврдува најавата на Јункер и новиот Комесар за “проширување без проширување”, дека во следните пет години патот кон ЕУ е затворено прашање. Тоа се клучните пораки, останатото е само храна за политичка дебата. Наводите наведени во Извештајот повеќе одговараат на состојбите кај нас пред 3 години, отколку на сегашните. Причината за тоа е што Европската комисија токму во последните 3 години беше директно вклучена во некои клучни моменти на домашните кризи и тоа со неславен исход и негативен придонес кон настанатата состојба – посебно што се однесува кон настаните по 24-ти декември, политичкиот дијалог, слободата на медиумите и судските реформи. Се разбира, тој аспект нема да го најдеме во ниту еден Извештај на било која надворешна институција, посебно не во оној на ЕК. Паѓа в очи тенкиот осврт кон прашањето со меѓуетничките односи и Рамковниот Договор, што е награда за ДУИ за послушноста на сметка на Албанците. Исто така, Комисијата умешно ја пофали Владата на Груевски дека наводно “земјата е добро напредната и направи натамошни чекори кон функционална пазарна економија”, што е клучниот подарок врз кој Груевски ќе ја гради илузијата дека економски сме на добар пат. Со овој извештај се исцрпува дебатата за иднината на нашиот европски пат и потполно ја девалвира дилемата дали следниот пат ќе добиеме препорака или не. Новата Комисија веќе го најави новиот приод во кој, кажано без дипломатски ракавици, во догледно време нема да има место за земјите од регионот. Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции: Сметам дека Извештајот како ретко кога досега бил пречекан без никаква посебна помпа. ЕУ, впрочем, и си заслужува такво нешто по петте нереализирани препораки, како и по најновата изјава на Жан-Клод Јункер во врска со одложувањето на проширувањето. До утре никој веќе нема да зборува за Извештајот . Не гледам ништо посебно ново околу оценките на Брисел . Хроничните слабости на Македонија се потцртани, а препораката останува. Воедно, никаде не се спомнува СДСМ и не видов ништо за во однос на  нивното барање за техничката Влада. Горазд Чомовски
Слично

Поврзани вести