Економија, финансии, бизнис

Контакт

Експерт на ОБСЕ ќе го чешла Избирачкиот список

Експерт на ОБСЕ ќе го чешла Избирачкиот список

 Експертот од ОБСЕ ќе прави  проверка на прочистениот избирачки список, најави на денешната средба на работната група нејзиниот претседател Бедредин Ибраими, член на Државната изборна комисија. Според податоците до 17 октомври оваа година, во ажурираниот Избирачки список има запишано 1.779.605 гласачи.

Џон Арон, експертот од ОБСЕ на денешната седница пред членовите на работната група рече дека допрва ќе изработува методологија за ревизија на Избирачкиот список и оти за таа цел претходно ќе се сретне со претставници на политичките партии, ДИК, МВР и други институции.

Во својата презентација Арон, кој работел во Косово, Украина, Пакистан, како и во некои азиски земји, вклучувајќи го и Блискиот Исток, посочи на повеќе начини за проверка на податоците во Избирачкиот список. Меѓу нив и споредба со други извори како на пример попис, теренска проверка и избор на општини и случаен избор на лица, дали новите податоци се точни, дали има починати лица, распоред на лица на погрешни избирачки единици, погрешни имиња и слично.

- Ревизијата не е промена на Избирачкиот список, ќе препорачам стратегија која работната група може ќе ја прифати за да направи ревизија на Избирачкиот список, изјави експертот на ОБСЕ Арон, кој проверката на Избирачкиот список, поради чуствителните лични податоци ќе може да ја прави само во Државната изборна комисија со присуство на државен службеник.

За претставникот на СДСМ самото присуство на експерт од ОБСЕ значи дека постои проблем со избирачкиот список, оцени дека во Македонија не постои политичка волја за одржување на попис, а во однос на теренската проверка клучен фактор е кој ќе ја спроведува ваквата проверка.

 Илија Илиоски, претставник на ВМРО-ДПМНЕ  смета дека Македонија има пречистен Избирачки список и оти ревизијата која се предлага е многу нормална и треба да се спроведува на дневна основа. Смета дека теренската контрола не претставува проблем и вели дека треба да се избере начин за поадекватно нејзино спроведување.

Бедредин Ибраими  пак, предупреди дека во некои изборни единици бројот на гласачи е зголемен со тоа што во шестата изборна единица го надминува цензусот од пет отсто. Вкупниот број гласачи во оваа изборна единица 317.656 што изнесува 7,09 отсто повеќе од просечниот број гласачи.

Според него потребно е да се  извести Министерството за правда и заедно со другите измени во однос на изборите да се направи и редефинирање на изборните единици. - Поголем број бирачи, поголем број пратеници, вели Ибраими.

Слично

Поврзани вести