ЕКСКЛУЗИВНО: Македонец осуден во Германија за шверц на азиланти
Македонски државјанин е осуден во Германија на двегодишна условна затворска казна поради шверц на азиланти, дознава Фактор. Откако на 19 март бил фатен од полицијата во Трир како нелегално превезува жители од Македонија за да бараат азил во Германија, бил приведен и против него летово се водела судска постапка. Судот во Трир го осудил на две години условно, но не го открива неговиот идентитет туку информира дека е татко на три деца и има 36 години. Осудениот во Македонија работел како возач на училиштен автобус. Македонското МВР не е запознаено со овој случај на приведување и судење на македонски државјанин.
Според информации на Фактор, во судската постапка било утврдено дека Македонецот, со помош на три соработници, азилантите ги шверцувал со комби Форд преку Косово, Србија, Хрватска, Унгарија, Австрија за да стигнат во германската покраина Рајнланд-Фалц. Трасата ја минал најмалку три пати со вкупно 17 Македонци коишто на тој начин ги прошверцувал во Германија.
Првиот пат, во јануари 2013 година, илегално во Германија однел една жена со три деца, коишто по пристигнувањето побарале азил. Според информациите од обвинителката Ана Кох, за оваа услуга тој заработил 800 евра. Вториот пат, на 13 февруари, обвинетиот во комбито прошверцувал брачен пар со малолетно дете, како и уште тројца дополнителни македонски државјани. Според обвинителката Кох само од брачниот пар заработил 700 евра. За последен пат шверцерот од Македонија во правец на Германија заминал на 16 март. Со него во Фордот биле уште седуммина Македонци меѓу кои и малолетни деца. Во обвинението се вели дека патниците за услугата на обвинетиот му платиле по 200 евра од лице и по пристигнувањето во Германија поднеле барања за азил.
„Чувстував дека ќе полудам“
Токму тоа патување било последно за него. На 19 март бил уапсен во градот Трир и оттогаш тој се наоѓа во истражен затвор. Судијата Ханс-Јирген Феринг го осудил на двегодишна условна затворска казна земајќи ги предвид „посебните околности во однос на неговото семејство“. Имено, обвинетиот се бранел дека морал да вози за Германија за да ги финансира неопходните операции на својата ќерка, бидејќи со 300 евра, колку што месечно заработувал како возач на училиштен автобус во Македонија, ова не би било можно.
„Доколку знаев дека е нелегално да превезувам луѓе од Македонија во Германија, тогаш никогаш немаше да тргнам оттаму. Изминатите пет месеци во истражниот затвор делумно одбивав и храна, зашто знаев дека мојата жена и децата немаат ништо за јадење. Чувствував дека ќе полудам. Ви ветувам дека никогаш повеќе нема да дојдам во Германија“- изјавил обвинетиот пред судот.
Фактор веќе извести дека криумчарски банди за сума од 200 евра шверцуваат главно роми од Македонија во Германија за да бараат азил.
С.Х.
Слично
