Економија, финансии, бизнис

Контакт

Економските советници на МНР ги добија првите дневници, резултати од промоцијата на земјата допрва се очекуваат

Економските советници на МНР ги добија првите дневници,  резултати од промоцијата на земјата допрва се очекуваат

Министерството за надворешни работи им ги исплати првите дневници на економските советници кои во рамките на дипломатската мрежа треба да ја промовираат земјата пред странските инвеститори. Илија Псалтиров, Абдилџемил Саити, Сузана Тунева и Бекри Ајдини првично добија од десет до триесет илјади денари за својата работа во Варшава, Минхен, Анкара и Дубаи, според податоците на „Отворени финансии“.

Во текот на првиот квартал од 2021 година, вкупните директни инвестиции во земјата според пресметките на Народна Банка, бележат нето-приливи од 25,7 милиони евра, најмногу како резултат на зголемената реинвестирана добивка и сопственички капитал.

Според поранешниот амбасадор и дипломат од кариера Ѓорѓи Мисајловски ова е трет обид МНР да се обиде да се ангажира во промоцијата на македонското стопанство, посебно на зголемување на извозот и растот на странските инвестиции.

„Првиот обид беше со непрецизен Договор меѓу МНР и Министерството за економија за заедничка соработка, при што кадарот требаше да го обезбеди Министерството за економија а логистиката да ја води МНР. Економските советници беа лоцирани во амбасадата и практично нивните шефови беа амбасадори, кои во принцип не ги познаваа работите од меритумот на советниците. Проектот беше погрешно поставен и заврши со неуспех. Економските советници самите почнаа да се враќаат од градовите каде што беа испратени.

Вториот обид беше попрофесионален, затоа и поскап и кост-бенефит анализата покажа дека вложените средства не коинцедираа во целоста со приливот на странски инвестиции. Беа ангажирани 28 економски промотори, меѓу кои и некој дипломат од МНР.“ вели Мисајловски.

Искусниот дипломат вели дека третиот обид тешко ќе успее затоа што за тоа е потребна претходна систематска работа и соработка со стопанските комори.

„Трет обид е во тек, овој пат во целосна надлежност на МНР кое обезбедува средства, логистика и кадар кој го обучува и испраќа во неколку дипломатски центри по проценката веројатно на Секторот за економска дипломатија кој само формално егзистира и имитира некаква грижа на МНР за економските односи со странство. Економските советници ќе бидат дел од стафот на Амбасадата и одговорни на МНР.

И овој обид со економските советници нема да успее од проста причина што концептот е погрешно поставен. Прво, МНР во последните 20 години нема дипломати обучени за работа како економски советници ниту пак систематизации во нашите ДКП предвидувале дипломати да се бават со економска проблематика, како впрочем и со култура. Никаде ја нема улогата на Стопанската комора и тоа со години. МНР немало до сега никаква соработка со Стопанска комора, а разгранатиот систем на стопански комори кај нас уште повеќе ја комплицира работата. Мислам дека испратените економски советници приучени за таа работа наскоро ќе увидат самите дека работата за која се испратени, без добро проучена логистика, ќе пропадне“, ни изјави Мисајловски.

Во изминатиот период власта интензивно ја наметнува тезата дека се бележи сериозно зголемување на економската активност во Технолошко индустриските зони. Од таму велат дека според официјалните податоци, за период од една година бројот на работни места во ТИРЗ-овите е зголемен за осум отсто, а забележен е раст од 56 отсто на извозот во зоните во првите седум месеци и достигнал над 1 милијарда евра.


А.К.


Слично

Поврзани вести