Економски шок во светот: Растот на енергенсите ја крева и цената на храната
Економскиот шок што го погоди светот од крајот на февруари, кога започнаа конфликтите на Блискиот Исток, има пред сѐ енергетска природа, но неговите последици брзо се прелеаја и врз цените на храната.
Според најновите податоци, цените на прехранбените суровини на светските берзи во март се зголемиле за околу три отсто, достигнувајќи највисоко ниво во последните 22 месеци.
Иако растот е значителен, тој е помал од скокот од 11 проценти во март 2022 година по почетокот на војната во Украина. Разликата е што тогаш конфликтот директно ги погоди главните извозници на житарки, додека актуелниот кризен бран влијае индиректно – преку повисоки трошоци за енергија и ѓубрива.
Светска банка во најновиот извештај наведува дека индексот на цените на храната пораснал за пет проценти во првиот квартал од 2026 година. Во исто време, повеќето основни прехранбени производи веќе подолг период се во тренд на поскапување.
Дополнителен притисок доаѓа од САД, каде што се зголемува употребата на земјоделски производи за биогорива. Цената на соиното масло пораснала за 16 проценти во првиот квартал, додека палминото масло исто така бележи раст поради повисоките цени на нафтата.
Во категоријата на останата храна, цените се зголемиле за пет проценти, при што месото, особено говедското, бележи значителен раст поради намалена понуда и зголемена побарувачка. Во САД, цената на говедското месо пораснала за 11 проценти во кварталот и за 22 проценти на годишно ниво.
Светска банка прогнозира дека цените на храната ќе продолжат умерено да растат – за околу два проценти во 2026 година и еден процент во 2027 година. Сепак, предупредува дека доколку конфликтот продолжи и цената на нафтата остане над 100 долари за барел, дополнителни 45 милиони луѓе би можеле да се соочат со глад.
Меѓу главните прехранбени производи, пченицата бележи раст од 28 проценти од почетокот на годината, сојата околу 15 проценти, а палминото масло 12 проценти. Поскaпеле и оризот, овесот и сончогледовото масло.
Ретки се производите што поевтиниле – какаото е поевтино речиси двојно, кафето за 16 проценти, а шеќерот за пет проценти.
Експертите предупредуваат дека дури и ако ситуацијата се стабилизира, враќање на пониски цени не се очекува брзо, туку најмногу можна е стабилизација на сегашните нивоа во наредните години.
Б92