Економски промотори: Концепт за привлекување инвестиции или вработување на партиски послушници?
Мандатот на сегашните економски промотори истекува и затоа се бараа нови, објаснуваат од надлежната Агенцијата за странски инвестиции. Договорите со сегашните 31 економски промотори се важечки до крајот на декември, затоа е објавен оглас на кој се бараат 33-ца нови економски промотори.
Во огласот што трае до крајот на следниот месец е наведено колку најмалку би изнесувала платата на секој економски промотор зависно од земјата за која се нуди позицијата. Според дадените суми пресметките покажуваат дека за нето –платите на идните економски промотори ќе се трошат околу 1 милион евра, односно платата на промоторите во просек се движи по околу 2.500 евра.
За годинава пак во Буџетот за плати за економските промотори е предвиден износ од 1,2 милиони евра.
„За плати и придонеси на плати за 32 економски промотори во 2016 година доделени се вкупно 72.567.000,00 денари, а заклучно со 30.06.2016 година потрошени односно реализирани за оваа намена се 45% од износот,“ објаснуваат од Агенцијата за странски инвестиции.
Од Агенцијата за странски инвестиции додаваат дека ефектите од работата на економските промотори се мерат на повеќе нивоа.
„Бројот на остварени контакти, како и бројот на реализирани средби е огромен (околу 50.000) што го потврдува фактот за успешна реализација на нивните активности, а истото може да се види и со секое зголемување на приливот на странски директни инвестиции во нашата земја на годишно ниво. Процесот на инвестирање е долг и повеќегодишен и се темели на детални анализи, процеси на преговори и финална одлука од страна на компанијата, велат од Агенцијата за странски инвестиции.
Иако, засега се посочуваат платите што економските промотори ги добиваат, сепак јавно не се обелоденува, какви други трошоци им се исплаќаат на економските промтори, и колку тие годишнко ја чинат државата по сите основи. Токму на ова забелешка имаше и Државниот завод за ревизија, кој во Извештајот за работата на Агенцијата за странски инвестиции, пред три години, напиша дека освен што е проблем тоа што не се врши оценѕвање на работата на економските промотори, што треба да каже дали нивното постоење е оправдано, дополнителен проблем е и тоа што им се признавале одредени дополнитени трошоци, на кои ревизорите забележуваат на начинот на кој тоа се правело.
Концептот на економски промотори е постојано критикуван од домашната експертска фела. Дел од економистите сметаат дека економските промотори државата ја чимат многу пари, а ефектите од нивната работа ниту се видливи, ниту некој ги мери.
„Концептот, економски промотори е само уште еднен начин како да се вработат партиските послушници, и да добијат позиции,“ вели Висар Адеми, економски аналитичар.
Неодамна, според дел од медумите и претседателот Горѓе Иванов, на Амбасадорскиот совет упатил критики за постоењто на економските промотори, посочувајќи дека станува збор за промашен проект.
Наташа Стојановска
