ЕКОНОМСКА (НЕ)СТАБИЛНОСТ: Време е за затегнување на буџетскиот ремен?
ЕКОНОМСКА (НЕ)СТАБИЛНОСТ: Време е за затегнување на буџетскиот ремен?
И во ек на политичка криза, длабока неизвесност кој предизвика апстиненција, пред се на домашните инвестиции, Македонија успеа да ја одржи макроекономската стабилност. Сепак, стопанството веќе праќа сигнали дека кризата зема замав, а економистите предупредуваат дека без скорешно решение, не чекаат тешки денови.
Според гувернерот Димитар Богов, монетарната политика ќе продолжи да биде сигурен партнер на макроекономската политика за да се одржи севкупната макроекономска стабилност, но сепак тој смета дека креаторите на политиките треба посмело да пристапат кон реформи и побара фискална консолидација.
“Алармот е вклучен и за фискалната политика која во многу земји стана прекомотна со политиката на ниски каматни стапки. Потребно е затегање на фискалните услови што ќе овозможи фискална консолидација“ – изјави гувернерот Богов.
Министерот за финансии Кирил Миноски смета дека и покрај политичката криза, економијата успеала да испорача позитивни стапки на раст.
“Македонската економија покрај предизвиците од меѓународното окружување се соочува и со предизвици од тековната политичка ситуација и во вакви услови перспективите за повисок економски раст се ограничени, но и покрај тоа изминатите две години економијата забележува солиден раст во просек од 3 отсто“ - изјави министерот Миноски.
Економистите предупредуваат на “тешка“ година ...
За потребата од консолидација на јавните финансии и намалување на темпото на задолжување предупредија и меѓународните финансиски институции а подолго време алармираат и дел од економистите
“Мора да има консолидација и таа не смее да падне на грбот на кратење на јавните расходи , тоа треба да биде преку зголемување на јавните приходи, т.е преку даночење на побогатите ,дури ако има потреба да се скратат одредени јавни расходи тоа не смее да бидат продуктивните расходи односно инвестициите, туку мора да бидат непродуктивните расходи, како оние наместени тендери, патни трошоци, вработувања на партиски кадри“ - оценува економистот Бранимир Јовановиќ.
Европската унија освен политиката, будно ги следи и случувањата во економијата. Така, дел од аналитичарите сметаат дека не случајно управувањето со јавните финансии и потребата од транспарентност се нотирани во сите извештаи на Европската комисија.
“Како еден од најголемите економски проблеми, со кои ќе се соочи Македонија и оваа година се фискалните политики. Извештајот на Европската комисија (ЕК) за Македонија во 2016, јасно забележува дека управувањето со јавните финансии не е подобрено и дека јавниот долг е зголемен. Дополнителен товар претставува нетранспарентноста околу фискалните политики, особено околу вкупната и вистинската големина на јавниот долг со цел да се направи идно правилно и домаќинско буџетско планирање“, оценува Бојан Маричиќ од Центарот за европски стратегии.
Дека економијата ја чекаат тешки денови смета и економистот Крсте Шајноски.
“ДПМНЕ-овската влада, која ја доведе земјата на раб на катастрофа, знае дека ги одбројува последните денови и затоа продолжува како и досега. Продолжува да троши и се разбира нетранспарентно, а зад нетранспарентноста се кријат многу дубиози кои ќе го оптоварат работењето на новата влада. На тоа упатува мошне интензивното задолжување на власта на домашниот пазар на капитал и тоа не само во износ на враќање на старите долгови, туку и значително повеќе. Тоа значи дека неповолните состојби веќе ескалираат. Само промена на владата може да обезбеди запирање на натамошна ескалација. Веројатно еден од првите потези ќе биде ревидирањето на непроизводните трошења и интензивирањето на продуктивните, со цел динамизирање на растот“ – оценува економистот Шајноски во една од своите колумни за “Фактор“.
Владеачкиот двоец Вмро-Дпмне и ДУИ веќе го троши најгломазниот Буџет од 3,3 милијарди евра, но веќе овој месец како сериозен проблем исплива неисплатат на земјоделските субвенции. Министерството за финансии уверува дека касата е ликвидна, но засега нема сигнал кога милионските суми ќе бидат деблокирани и ќе завршат на сметките на земјоделците.
