Економија, финансии, бизнис

Контакт

Економистот кој ја предвиде кризата во 2008 година предупредува: Светот повторно е на раб, опасноста е поголема од кога било

Економистот кој ја предвиде кризата во 2008 година предупредува: Светот повторно е на раб, опасноста е поголема од кога било

Американскиот економист Ричард Букстабер, кој ја предвиде глобалната финансиска криза во 2008 година, во авторски текст за „Њујорк тајмс“ изнесе загрижувачка проценка – светот повторно се наоѓа на работ на финансиски колапс, но овојпат ризикот е значително поголем.

Потсетувајќи се на периодот на глобалниот финансиски слом, Букстабер наведува дека тогаш работел во хеџ фонд, а подоцна и во Министерството за финансии на САД. Во тој период верувал дека таква криза нема да се повтори, но денес, како што признава, веќе не е сигурен.

– Можеби нè очекува нешто уште полошо. За разлика од 2008 година, кога проблемот беше релативно јасно лоциран во банкарскиот и финансискиот сектор, денешните ризици се распрснати и меѓусебно поврзани. Токму таа поврзаност го прави системот многу поранлив – посочува економистот.

Тој нагласува дека клучната разлика не е во тоа што ќе ја предизвика кризата, туку колку брзо таа ќе се прошири.

– Помалку е важно што ќе биде окидачот, а многу поважно е колку брзо проблемите ќе се прелеат низ системот. Денес ризиците се распоредени низ индустрии, пазари и држави – од вештачката интелигенција, преку приватното кредитирање вредно околу 2 билиони долари, до геополитичките тензии поврзани со Тајван и Иран – вели Букстабер.

Според него, современиот економски систем е значително покомплексен и поинтегриран од порано, што ја зголемува опасноста од т.н. домино-ефект.

– Проблем во еден сектор може многу брзо да се пренесе во друг – од финансиските пазари, преку технолошките компании, па сè до пензиските фондови и државните буџети. Денешниот систем веќе нема јасни граници – додава тој.

За разлика од претходните кризи, кои главно беа финансиски, Букстабер предупредува дека новата потенцијална криза би можела директно да влијае врз секојдневниот живот на милиони луѓе, поради поврзаноста на економијата со енергетиката, технологијата и глобалните синџири на снабдување.

Иако не може прецизно да се предвиди кога би настанала нова криза, тој оценува дека сите предуслови веќе постојат.

Пораката на економистот е јасна – светот повторно се наоѓа во зона на висок ризик, но овојпат без јасен центар на проблемот и со многу поголем потенцијал за брзо глобално ширење.

Телеграф.рс

Слично

Поврзани вести