Да се враќа ДДВ на граѓаните: Чиста утка или полн погодок?
Предлогот на опозициската СДСМ, државата на секој граѓанин кој ќе приложи фискални сметки за купени производи да му враќа 15% од платениот ДДВ, експресно беше одбиен од Владата. Владата го одби со образложение дека е економски неизадржан.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев од партиската говорница и предложи на владата на секои три месеци да им враќа по 15% од платениот ДДВ на сите граѓани кои ќе приложат фискални сметки за купени производи. Според пресметките на опозицијата со оваа мерка на граѓаните ќе им бидат вратени 130 илјади евра годишно.
Економистите со различни ставови околу предлогот на СДСМ. Оценет како интересен, но сепак остава дилема дали со тоа ќе се реши проблемот со сивата економија, бидејќи најголем дел од сивата економија е кај непријавените работници и непријавените дејности.
„Интересен е предлогот на СДСМ, особено од перспектива што проценката е дека сивата економија е околу една третина од вкупната македонска економија. Овој предлог би имал влијание за формализирање на дел од сивата економија, меѓутоа забележете дека поголем дел од сивата економија се однесува на непријавени работници, а не на продажбата на производи и услуги. Вториот проблем би било администрирањето на ваквата реформа, кое би можело да биде многу скапо, а со ограничени ефекти. И, трето, не гледам како тоа ќе ја подобри распределбата на доходот. Средната класа може да се врати со промена на даночната политика и политиката на социјалните придонеси која треба да ги растовари сиромашните слоеви, а повеќе да ги оптовари богатите слоеви, и тоа нема никаква врска со евентуален поврат на ДДВ“, вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Од СДСМ велат дека мерката нема да предизвика дупка во Буџетот, туку напротив во СДСМ пресметале дека ќе останат 30 милиони евра повеќе со оглед дека ќе се намали бројот на фирми кои затајуваат данок и не го пријавуваат вистинскиот промет, а соред последните податоци од УЈП нивниот број бил голем. Односно дури 35% не го пријавуваат вистинскиот промет, а непријавувањето данок изнесува дури 60 проценти. „На пример, на фискална сметка од 10.000 денари, за која се плаќа ДДВ во износ од 1.800 денари,15-те проценти од ДДВ-то што им се враќаат на граѓаните изнесуваат 270 денари; - ова значи помеѓу 20 и 30 илјади денари годишно за секое семејство во Република Македонија кое поседува фискални сметки; - Со можноста за повраток на 15 проценти од платениот ДДВ, секој граѓанин ќе има мотивација да инсистира на издавање фискални сметки. Всушност, така сите граѓани би ја имале улогата на „даночни инспектори“, изјави Зоран Заев претседател на СДСМ.Заев ја повика владата на конструктивност и дебата, порачувајќи да не го добива како сите досегашни прдложи на опозицијата.
„Овој предлог не е ништо ново. Предлогот е применет во економии кои доживеале циклични падови и јас очекувам одлични резултати. Реакцијата на ВМРО- ДПМНЕ нема да биде поразлична од сите претходни. Сепак ја користам оваа можност да ги повикам на конструктивност за овие предлози. Пред се со верување дека ако ги вратиме парите назад кон граѓаните и стопанството ќе го зајакнеме финансискиот капацитет на Република Македонија, изјави Заев.
Владата експресно го соопшти ставот дека предлогот е неаргументиран, паушален, нерационален и неодржлив, направен без доволно анализа и проценка. Вицепремиерот Владимир Пешевски порача дека оној кој го пишувал немал искуство од економијата.
„Дури 60 проценти од приходите кои се собираат по основ на ДДВ доаѓаат од субјектите што се големи компании (железарници, фабрики, рудници) и како такви тие немаат никаков контакт со граѓанинот како краен потрошувач, што значи дека 60 проценти од приходите кои се собираат по основ на ДДВ од старт се исклучуваат од оваа мерка која што ја предложи Заев што ја прави мерката тотално нефункционална и без никаков бенефит за граѓаните, појасни вицепремиерот Владимир Пешевски.
Тој образложи дека над 90 проценти од субјектите со кои што граѓанинот е во однос на краен потрошувач односно колонијали, фризерски салони, кафулиња, авто перални, козметички салони, трафики, и останата малопродажба, не се обврзници по основ на ДДВ, и затоа повторно се докажува, дека оваа предложена мерка од Заев не само што е погрешна, не само што не е базирана на анализа туку е тотално неприменлива.
„ Во 90 проценти од случаите Заев предлага на граѓаните да им се врши поврат на ДДВ од ништо, затоа што 90 проценти од субјектите кај кои граѓаните се краен потрошувач не се ДДВ обврзници и на фискалните сметки стои нула проценти ДДВ. СДСМ не разликува и погрешно толкува дека секоја фискална сметка во себе содржи ДДВ, тоа е основно непознавање, изјави Пешевски. Според Пешевски, токму заради овие причини со ова не само што нема да има повеќе приходи во буџетот, како што истакна Заев, туку, потенцира, во буџетот ќе има големи загуби. С.Н.