Економијата во првиот квартал минус 1,4 проценти
Растот на БДП во првиот кваратал од годинава забележал пад од 1,4 проценти, констатира Комитетот за оперативна монетарна политика на вчерашната седница на која ги разгледа најновите макроекономски показатели, ликвидноста на банкарскиот систем и движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари.
- Негативните ефекти од развојот на состојбите во евро-зоната, коишто се остварија преку намалување на странската побарувачка за домашни производи и влијанието на вонредните фактори, односно неповолните временски услови, имаа одраз врз растот на домашната економијата во првото тримесечје на годината. Така, во првиот квартал од 2012 година, БДП забележа реален пад од 1,4% на годишна основа. Влошувањето на глобалните економски изгледи создаде и надолни притисоци врз цените на примарните производи. Спротивно на очекувањата, цената на нафтата во второто тримесечје се движеше по надолна патека, што заедно со исцрпување на ефектот од еднократните фактори од претходните месеци, придонесе за остварување годишна стапка на инфлација од 2,1% во јуни, блиску до проектираното ниво за второто тримесечје, стои во соопштението од НБРМ.
Во него се додава дека на девизниот пазар не беа забележани поголеми притисоци врз девизниот курс, односно бруто девизните резерви од почетокот на годината се одржуваат на релативно стабилно и соодветно ниво, обезбедувајќи доволен простор за амортизација на евентуални неповолни шокови.
Слично
