ЕК: Македонија има право да го контролира влегувањето и излегувањето на лица на нејзина територија
Македонија има право, во согласност со меѓународното законодавство, да ги контролира лицата кои сакаат да влезат на нејзина територија и да им забрани влегување на оние кои не ги исполнуваат критериумите.
Ова се наведува во соопштението на прес-службата на европскиот комесар за проширување Јоханес Хан.
„Комисијата е запознаена со одлуката на владата да прогласи вонредна состојба во областите во јужната и северната граница. Комисијата е подготвена и понатаму да обезбеди хуманитарна помош за Македонија“, се вели во соопштението на комисијата.
Во него се вели дека Европската комисија внимателно ја следи ситуацијата на македонско-грчката граница и се потсетува дека досега ЕУ обезбедила 90 656 евра хуманитарна помош за Македонија, како и дека во последна фаза е и програмата за помош на регионот на Западен Балкан и Турција во вредност од 8 милиони евра, кој треба да биде спроведен во септември.
