ЕК ги критикува Рама и Тачи поради приказната за обединување на Албанија и Косово
Изјавите на албанскиот премиер Еди Рама и на косовскиот министер за надворешни работи Хашим Тачи за обединување на двете страни се апсолутно неприфатливи и провокативни. Тие не придонесуваат за политичката соработка во регионот, рече портпаролката на ЕК Маја Косинчич.
Специјалната порака на Косинчич е по повод изјавата на Рама и Тачи дека Косово и Албанија ќе стапат во класично обединување, ако Тирана и Приштина не се приклучат на ЕУ.
„Нагласуваме дека Западниот Балкан има јасна европска перспектива, која е усвоена на највисоко ниво. Брисел очекува од сите земји во регионот да водат добрососедска политика. Сите провокативни декларации, кои отстапуваат од оваа политика, се неприфатливи“, се вели во пораката на портпаролката на шефицата на ЕК за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и комесарот за проширување Јоханес Хан.
Рама и Тачи го направија овој заклучок пред косовската телевизија „Клан Косова“. Нивните изјави предизвикаа остра реакција во Србија, каде што премиерот Александар Вучиќ изјави дека Албанија и Косово никогаш нема да се обединат.
