Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕК бара препораките за решавање на кризата во земјава да се исполнат

ЕК бара препораките за решавање на кризата во земјава да се исполнат

Европската комисија излезе со соопштение по повод посетата на комесарот за проширување на Јоханес Хан во Македонија и неговото посредување помеѓу политичките партии во земјата за договор за надминување на политичката криза.

Во соопштението на ЕК се наведува дека во Скопје Хан се состанал со премиерот Никола Груевски и лидерот на СДСМ Зоран Заев, со лидерот на ДУИ Али Ахмети, како и со лидерот на ДПА Мендух Тачи, за да ги продолжи преговорите за изнаоѓање на решение на континуираната политичка криза.

„Разговорите беа конструктивни, изградени врз основа на разговорите што се одржаа во Стразбур во Европскиот парламент заедно со тројцата европратеници пред две недели. Сите партии се обврзаа да ги стават на прво место интересите на граѓаните и на сите заедници во земјата. Тие ја потврдија посветеноста на евроатлантскиот процес и демократските принципи, зајакнување на меѓуетничките односи и подобрување на добрососедските односи“, се вели во соопштението на ЕК.

Како што изјавиле од ЕК, на средбата биле разгледани голем број конкретни мерки договорени помеѓу Хан и македонските политички лидери во однос на решавање на критичните предизвици со кои се соочува земјата.

„Голем број чекори ќе треба да бидат дополнително развиени и договорени во следните неколку дена, а во таа смисла, комесарот побара преговорите со лидерите да бидат финализирани наскоро“.

„Ние треба да работиме во духот на соработка, потребниот политички компромис, за да се добие потребната рамнотежа меѓу различните сили и меѓу различните групи во општеството. Тоа е причината поради која се согласивме да се предвиди еден вид преоден период“, се додава во соопштението што беше декларација и на еврокомесарот Хан, по завршувањето на преговорите.

Договорено е дека до крајот на април следната година треба да има предвремени избори, што е важно за земјата да се подготви до тогаш. Станува збор за стабилен изборен законик, проверка на избирачките списоци, почитување на правата на заедниците. Ќе биде уште поважно да се прифатат сите препораки дадени од Европската комисија, кога станува збор за независноста на судството.

„Ние се согласивме да се примени методологијата која обично се користи кога се преговара за поглавја 23 и 24, станува збор за владеењето на правото, независноста на судството и слободата на медиумите“, изјавил комесарот Хан, по вчерашната средба со македонските политички лидери во Скопје.

Слично

Поврзани вести