Ефтимова:Судот да суди по закон за правдата да победи
Пред Кривичниот суд вечерва се обрати Елена Ефтимова, мајката на Борјан Ефтимов кој доби 30 дневен притвор за учество во толпа за протестите на „Шарената револуција“.
Таа рече дека на младите не треба да им биде одземена слободата и затоа ги повика другите родители да не се плашат и да им се придружат.
„Апелирам до судот да суди по закон за правдата да победи. Денес стојам пред вас со исправена глава, со чиста мисла и многу, многу горда на мојот син. Успеав да го воспитам моето дете во духот на праведољубивоста и на чесноста, така ме воспитуваа моите родители, така и јас ги воспитувам моите деца. Некому тоа многу му пречи, но навистина, можам само да кажам, тоа е ваш проблем и самите справете се со него. Јас сметам дека треба и така ќе продолжам“ - вели Ефтимова.
Таа кажа дека Борјан ќе биде во домашен притвор до 26 мај, додека не му дозволат да се произнесе по делото учество во толпа.
Граѓаните веќе четврта седмица протестираат против одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов да помилува политичари.
