Едрене за Бугарите е тоа што е Врање за Македонците
Указот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, објавен вчера во Државниот весник, според кој бугарските државјани ќе можат да влезат во Турција само со лични карти за туристичка посета до 90 дена на секои 180 дена, стана вест на денот во Бугарија.
Веќе пред неколку години, кога ги започна преговорите со ЕУ за нејзината кандидатура, Турција еднострано ги укина визите за бугарските граѓани. Сега Турција направи уште еден чекор во насока на олеснување на патувањето за бугарските граѓани, дозволувајќи им да влезат и престојуваат во земјата со лична карта, пишува БТА.
Бугарија е првата европска земја за чии граѓани Турција на овој начин им го олеснува патувањето во земјата. Повторно за погодност на бугарските граѓани, Турција претходно дозволи да се направат тестови за ковид на турска територија за да се избегне двојното тестирање.
Од друга страна, пак, Турција во последните една или две години стана атрактивно место за бугарските граѓани, од кои голем број, особено за време на викендите, доаѓаат на пазарење.
Девалвацијата на турската лира за околу 80 отсто, а поскапувањето на стоките во Бугарија, го сврте правецот на туристите кон Турција. Во април годинава беше постигнат рекорд во Едрене, кога за само еден ден во градот дојдоа над 10 илјади бугарски граѓани, т.е. една десетина од околу 100.000 жители.
