Економија, финансии, бизнис

Контакт

Еднакви ли се мажите и жените во Македонија?

Еднакви ли се мажите и жените во Македонија?
Родовата еднаквост помеѓу мажите и жените е секогаш актуелна тема,  која е под лупа на невладините организации, институциите и науката. И додека меѓународните институции бараат поголема ангажираност околу родовата еднаквост, власта родовите студии оваа академска година ги стави во мирување. Реакциите на експертската јавност и здруженијата не стивнуваат, токму поради фактот што ваков кадар и е неопходен на државата,  за да ги испочитува сите Конвенции за еднакви права на мажите и жените зад коишто стои и ратификуван потпис. Иако странските  институции бараат поголема институционална подршка и вклученост на сите чинители во подобрување на родовата еднаквост и почитување на правата на жените и мажите, на терен работите и не се така едноставни. Сеуште има жени кои се врзани за патријархалниот начин на живеење и традицијата,  состојба која  ги става на маргините на оштеството. Кај руралните жени овој статус на “зависна” е се поизразен и тие неможат да се реализират надвор од рамките на семејството,  бидејќи  често не можат да користат субвенции од државата поради фактот што само мал процент од околу 2% од нив се сопственички на земјиште, многу малку имаат финансиска заштеда или пак  се сопственички на недвижен имот. Проблемот на невработеноста сеуште повеќе ги погодува жените отколку мажите, па така на крајот на минатата година стапката на вработени жени била 39%, за разлика од 61% кај мажите. Само околу 4% од вработените жени се сопственички на бизнис, а само 11отсто примаат плата над просечната. Ова се дел од забелешките на Националниот совет за родова рамноправност, кои директно се вклучени во актуелните анализи и состојбите на терен кои одблиску ја отсликуваат реалната слика на македонското општество. Најголемиот борец за женските и воопшто за човековите права, претседателката на Националниот совет за родова рамноправност, Савка Тодоровска, вели дека постои напредок,  но  сеуште треба да се работи за подобрување на положбата на жената во семејството, политиката,професијата,  културата. Таа смета дека сеуште има проблеми во општествената свест за дискриминацијата  по основ на пол, па и кај самите жени кај кои традиционалната улога е длабоко вкоренета. Дел од невладините организации кои се занимаваат со почитувањето на женските права, велат дека примената на Законот за еднакви можности на жените и мажите,  не само што не се почитува, туку и сè уште не се познава доволно,  за да може да се практикува. Влезот во Европската Унија кој е условен од спроведувањето на законите за родова еднаквост, бара од државата и институциите да превземат конкретни  чекори за подобрување на ситуацијата со еднаквите можности на жените и мажите. Правото на жената на избор и приватност честопати е доведено во прашање и таа повторно се враќа во домот, каде треба да му биде подредена на мажот, државата, верата. Важноста на родовите студии! Институтот за родови студии функционира веќе пет години. Годинешната програма е ставена во мирување поради вишокот на кадар кој според надлежните се продуцира од општетствените науки. Од Институтот веруваат дека веќе од следната година повторно ќе се запишуваат студенти на ова катедра. Дел од невладините велат дека токму овој кадар е неопходен за да се изгради систем на вредности за родовата рамноправност. “Нееднаквоста е видлива во целокупното општествено живеење почнувајќи од вреднувањето на луѓето како мажи и жени, почнувајќи од наметнувањата на тоа што по дефиниција треба да биде една примерна жена,  па понатаму во сите сфери, позицијата, положбата, односите,  хиерархијата, дистрибуцијата на ресурси. Погледнете,  каде и да се завртите во било која област и сфера,  тие се толку очигледни што просто не можете да не ги забележите. Потребно е само едно “сензитивно” око за да ги видите, бидејќи многу често кај нас барем оние кои се занимаваат со политиките гледаат но не „ виѓаваат“ дека се потребни родовите студии кои ќе им овозможат да го видат она што е толку очигледно за секој од нас.Ние како граѓанска асоцијација, нашата мисија и мандат е да влијаеме на она што се креира како институционална политика и начинот на кој се одвиваат тие процеси. Она што е наша главна цел е да влијаеме да се интегрира родовата перспектива во целокупниот процес на политичко -институционално дејствување,  бидејќи тоа се кое ни го обликуваат  секојдневието. Тој пристап на интеграција на родовата перспектива во институционалното дејствување, политиките , е нешто што многу малку се разбира како концепт и како пристап. Aкадемската заедница треба да иницира дебати за институционални политики и дејствување и тоа е многу важно. Значењето на родовите студии како институционален сетап кој продуцира и знаење и кадри,  се фокусира на ова дејствување и е од исклучително значење и за граѓанските организации,бидејќи производството на легитимно знаење е нешто што и нам ни треба како аргумент и за наша лична надградба.Tоа знаење кое е прилагодено и употребливо и за граѓанскиот сектор,  користи да можеме аргументирано и компетентно да дејствуваме,  меѓутоа има корист и за институциите кои како знаење им е неопходно во процесот на креирање на политики и решенија. Секоја нивна одлука ќе има влијание врз мажите или врз жените во едно наше да го наречам “патријархално”  општество, кадешто нееднаквостите се видливи на секој чекор. Од тука и продукцијата на знаење и кадри кои утре дали во академската заедница или пак во политичкиот живот или во институционалното дејствување ќе го интегрираат тоа знаење,  и ќе го градат идниот институционален систем односно ќе го трансформираат системот во кој се донесуваат важните одлуки за нашето секојдневие и за идните генерации,  е повеќе од потребно.  Поентата е дека родовата еднаквост мора да биде промовирана како вредност и родовите студии во форма на знаење и во форма на експертиза, професорски кадар или студенти кои се идните професионалци,  сеедно во кој сектор ќе се насочат,  се оние кои треба да ја промовираат родовата еднаквост како вредност и да го градат институционалниот сетап кој нема да продуцира нееднаквост. Не навлегувам кои се причините што Владата ги стави во мирување родовите студии, но она што би го препорачала е  да оваа држава обезбеди многу повеќе ресурси и средства за научно-истражувачката дејност на Институтот и да обезбеди квалитетни кадри кои ним ќе им требаат понатаму за да ги аргументираат и артикулираат,  на начин кој понатаму нема да произведува штета за мажите и за жените. Мене ми личи дека ова е дел од конзервативна агенда но тоа е субјективно гледиште и неможам да тврдам бидејќи е само опсервација како активистка” –вели Марија Савовска од “Акција Здруженска”. Унапредување на положбата на жената! Ако зборуваме за пребројување на машки и женски тела во одредена област, тоа за мене не е доволно, тоа е минимумот и е прашање на демократски капацитет. Кога зборуваме за вклучување и учество на жени како субјект во одредени области и прашања со способност директно да се влијае на процесите на одлучуваење,  тоа е друго ниво, и сме во многу лоша состојба.Ние на ниво на присуство,  барем да речам во Парламентот имаме поприлично висока 30% застапеност, но тоа е резултат на квота за која се водеше тешка дебата повеќе години. Дури и активните политики и мерки кои треба да придонесат за какво- такво присуство на жените  во сфери кадешто не им е дозволен пристапот оди тешко,  бидејќи ние имаме длабоко вкоренета патријархална матрица на размислување и дејствување,  и тоа е она што треба да се менува- додава  Марија Савовска. Високо образовани кадри од родовите студии и се повеќе од потребни на нашата земја-вели пратеничката и претседателака на ДОМ, Лилјана Поповска. Со стагнацијата на општествените за сметка на техничките науки,  според неа нема да се постигне крајната цел-полесно вработување и конкурентност на пазарот на труд, туку напротив ќе се почуствува директниот недостиг од овој кадар кој може да се вклучи во скоро сите организации кои работат со општествени проблеми. “Јас имам завршено технолошки факултет, магистрирав на техничките  науки-синтеза на органски лекови,  но тоа е еден дел од мојот живот,  којшто ми помогнал за некои аспекти од зелената агенда да ми бидат поблиски и полесно разбирливи.Инаку,  како човек кој работи во општеството и за него, сум фокусирана на родовата рамноправност и еднаквите можности на жените и мажите и тоа треба да биде прашање од првичен приоритет.  Во никој случај техничките  науки и техничко-технолошкиот развој не се конфронтира со родовата рамноправност.  Напротив родовата рамноправност и  родовиот аспект треба да е вклучен во сите текови на нашето живеење. И само така ќе имаме складно и успешно општество. Само така ќе можеме да зборуваме за еден севкупен развој на државата.Родовата рамноправност е важен сегмент од општествените, економските и политички заложби на светот. Да не заборавиме дека родовата рамноправност и еднаквите права на мажите и жените се една од осумте милениумски цели на обединетите нации и сите држави како членки на ОН сме се обврзале дека на сите нас тоа ќе ни биде една од главните заложби- вели пратеничката Лилјана Поповска. Стратегии за родова еднаквост! Во Македонија има неколку стратегии кои се фокусирани на родовата еднаквост и исполнување на законската регулатива околу правичната застапеност на мажите и жените во општественото делување. “Стратегија за родова еднаквост со временска рамка 2012-2020, Стратегија за еднаквост и недискриминација на жените 2012-2015, Стратегија за родово одговорно буџетирање 2012-2017 “. Според нив неминовно е во едно демократско општество, првенствено заради обезбедување на политиките и дејствувања со холистички приод во решавањето на проблемите и надминување на недостатоците да се обезбеди учество на граѓанските здруженија, институциите и медиумите во креирањето на политиката за родова рамноправност, еднаквост и недискриминација –едни од основните начела на демократијата,  за да се подобри статусот на најранливите категории на граѓани. Македонија според  експертската јавност и невладиниот сектор сеуште има долг пат да го испочитува ова во целост. С.Б.
Слично

Поврзани вести