Eдна земја воведе неработна среда за да заштеди гориво
Шри Ланка воведе неработна среда за да заштеди гориво.
Земјата одлучи секоја среда да биде неработен ден за јавните институции како дел од мерките за штедење гориво, во услови на зголемен ризик од недостиг поради глобалните тензии и нарушувањата во снабдувањето со нафта.
Претседателот Ануру Кумара Дисанајаке изјави дека земјата мора да се подготви за најлошото сценарио. Оваа одлука доаѓа по блокадата на Ормутскиот теснец, клучна рута низ која минуваат огромни количини нафта.
Новата четиридневна работна недела во Шри Ланка ќе важи и за образовните институции, но не и за службите од суштинско значење како здравството. Средата е избрана како дополнителен слободен ден за да не се создаде тридневен прекин во работата на институциите.
Воедно, воведен е и систем на ограничување на гориво преку национални дозволи, што предизвика незадоволство кај дел од населението поради ниските квоти. Овој систем веќе беше применет за време на економската криза во 2022 година, кога земјата се соочи со сериозен недостиг на девизи и основни ресурси.
Цените на нафтата во меѓувреме значително се зголемија и се движат околу 100 долари по барел.
Историјата на глобалната економија покажува дека цената на нафтата често била клучен показател и предизвикувач на економски кризи. Економистите предупредуваат дека новата ескалација на конфликтите на Блискиот Исток повторно може да доведе до силен раст на цените на овој енергент.
foto Wikipedia/ Astronomyinertia
