Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕДНА СУМА НА СИСТЕМОТ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ, ДРУГА ВО ДОГОВОРИТЕ: За колку пари „Слобода превоз“ ќе ги вози вработените на патарините?

ЕДНА СУМА НА СИСТЕМОТ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ, ДРУГА ВО ДОГОВОРИТЕ: За колку пари „Слобода превоз“ ќе ги вози вработените на патарините?

Разлика од 4,8 милиони денари или 78 илјади евра се појавува на тендерот за превоз на вработените на патарините, кои директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски го склучи со приватниот превозник „Слобода Превоз“ на Ленин Јовановски. На тендерот, Јовановски учествуваше како група понудувачи, заедно со кумановската „Јоцо Турс“. 

Разликата е во сумите во договорите и оние кои се напишани на електронскиот систем за Јавни набавки. Според она што Јавното претпријатие за државни патишта го покажало на електронскиот систем, превозот треба да чини вкупно 43.655.280 денари или 709.658 евра. Но, при проверка на потпишаните договори, вкупната сума е многу помала - 38.845.800 денари или 631.395 евра. 

Споредбено, за правците Велес-Градско и обратно, и Велес-Сопот-Отовица-Петровец и обратно како една јавна набавка, но и за Гостивар кон патарини Гостивар-Тетово-Желино-Глумово и обратно, и за тендерот кој ги спојува Демир Капија-Миравци-Смоквица кон Гевгелија и Демир Капија кон патарините Демир Капија-Неготино-Градско и обратно, во системот се наведени по 7.669.055 денари од набавка, со вклучен ДДВ. Во договорите пак, за овие правци се наведува сума од 6.824.180 денари со вклучен ДДВ. 

За правците Тетово до патарини Тетово-Желино-Глумово и обратно, како и за релацијата Куманово до патарини Романовце-Миладиновци-Петровец и обратно, на електронскиот систем е заведена сумата од по 7.669.056 денари со вклучен ДДВ. За истите правци, во договорите се наведени суми од по 6.300.000 со вклучен ДДВ.

Последниот правец кој е дел од тендерот, од Штип кон Кадифово-Преод и обратно, на електронскиот систем е со сума од 6.488.112 денари со ДДВ. Во договорот пак, вредноста со вклучен данок на додадена вредност изнесува 5.773.320 денари. 

Во договорите е наведено дека „Слобода превоз“ и „Јоцо Турс“ ќе ги возат вработените на патарините во следните две години.

Александар Тодески

Слично

Поврзани вести