Една група работници во Германија ќе добијат зголемување на платите
Германските железници „Дојче Бан“ (Deutsche Bahn) ја дадоа својата прва понуда во колективното договарање со машиновозачите - зголемување на платите од шест проценти , објави државната компанија, а јави германската новинска агенција.
Зголемувањето, заедно со еднократен бонус од 400 евра, ќе им се исплаќа на работниците во текот на 30 месеци.
Поточно, платите веднаш би се зголемиле за 3,8 проценти, додека преостанатите 2,2 проценти би дошле од промени во системот за колективно договарање, кој ги регулира платите според работното место на вработениот.
Станува збор за „многу сеопфатен“ предлог кој ги исполнува клучните барања на синдикатот и покажува подготвеност за продолжување на преговорите за соработка, изјави Мартин Цајлер, директор за човечки ресурси во „Дојче Бан“.
Синдикатот на машиновозачите GDL бара зголемување на платите за осум проценти во текот на 12 месеци, а веднаш и зголемување од 3,8 проценти.
Понудата на компанијата не е доволна, рече шефот на GDL, Марио Рајс.
Иако зголемувањето може да изгледа значајно на прв поглед, 30 месеци е предолг период, додаде Рајс.
Доколку не се постигне договор до март, машиновозачите би можеле да штрајкуваат.
„Дојче Бан“ моментално вработува околу 19.400 машиновозачи (на крајот на 2023 година). Од нив, приближно 2.900 работат во сообраќај на долги релации, 12.500 во регионален сообраќај (DB Regio) и 4.000 во DB Cargo. Побарувачката е голема за управување со растечкиот сообраќај и работа во смени.
