Една година без насмевката на Тамара-Протест во 12 ч поради бавната истрага за случајот!
Денес се навршува точно една година од смртта на малата Тамара, девојчето од Велес кое почина чекајќи го решението од ФЗО за лекување во странство.
Една година болка и тага во душата на родителите, блиските, пријателите, Велешани и безброј граѓани.
Тамара Димовска од Велес, девојчето кое имаше тежок деформитет на ‘рбетниот столб не успеа да го дочека утрото и во 6 часот на 9 февруари почина.
Го зави во црно семејството кое живееше за неа, кое лутајќи се заглави некаде помеѓу лавиринтите на македонското здравство и чекајќи надлежните да одобрат операција во странство на државна сметка го изгубија своето чедо.
До денес нема кривична одговорност за смртта на Тамара, а од основното јавно обвинителство велат дека за стореното кривично дело се осомничени повеќе лица кои биле повикани на сослушување.
Група граѓански активисти и активистки, денеска во 12 часот пред зградата на Јавното обвинителство во Скопје, ќе организираат протест заради молкот на оваа институција за одговорните за смртта на малата Тамара.
На 24 февруари, 15 дена по смртта на Тамара, под притисок на јавноста оставка од функциите поднесоа директорите на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнаџиева-Змејкова и Џемали Мехази.
Тамара требаше да замине на операција во Туција која чинеше само 30 000 евра. Случајот дополнително доби и бизарна димензија откако два дена по смртта на Тамара, на адреса на нејзините родители стаса одобреното барање за лекување во странство.
