ЕДНА ЦЕНА НА МАСА, ДРУГА НА КАСА?: „Нептун“ тврди дека работи законски
По објавувањето на текстот во кој посочивме на случајот на еден потрошувач во продавница на „Нептун“, кој откако побарал износот да го плати со картичка на пет рати, на каса му била додадена камата од 5 отсто на декларираната цена, се јави трговската компанија со тврдење дека „наводите во текстот се крајно тенденциозни, бидејќи се неточни и истите не даваат јасна слика за фактичката состојба за купопродажба на производи кај нив“.

Во нивниот допис- демант се наведува дека „во моментот на купопродажба на производи со Фискална сметка бр.: 20-502/277272 од 16.03.2018 година, во „Нептун“ важеле повеќе различни начини на плаќање под различни услови. Па така, важело плаќање со Динерс картичка на рати со камата по haPPy цена или за купопродажба на производи по редовни малопродажни цени каде не се пресметувала и наплаќала камата за трансакции со Динерс картичка на рати“.
Но, и тогаш, а и сега, во „Нептун“ не ни го дадоа на увид документот врз основа на кој во наведениот период за купување на 5 рати со Динерс картичка се пресметува камата во висина од 5 отсто. А, ваков документ мораат да имаат согласно закон.
Во нивниот допис се вели дека haPPy цената претставува повластена цена за купување на производи во Нетпун и истата важи само за членовите во Програмата за лојалност на НЕПТУН МАКЕДОНИЈА ДОО Скопје.
Тие наплаќаат камата кога клиентот сака да плати на рати со било која кредитна картичка од било која банка, а притоа има haPPy картичка и плаќа haPPy цена.

„Во конкретниов случај, потрошувачот како член на Програмата за лојалност одбрал купување на предметниот производ по haPPy цена на рати со Динерс картичка, за што всушност била и пресметана и наплатена соодветна камата. За ваквата состојба потрошувачот бил недвосмислено информиран во моментот на купопродажба, по што истиот можел да одбере плаќање со или без камата преку Динерс картичката што зависело од цената по која се купува производот. Неоспорна е информираноста на потрошувачот, што може да се утврди и од неговиот потпис на слипот од реализираната трансакција, како и од испечатената и доставена фискална сметка. На самата фискална сметка која е издадена на потрошувачот, јасно и недвосмислено е наведена тековната haPPy цена по која е платен производот и наплатената камата за плаќање со Динерс картичка на рати“, се вели во дописот од Нептун.
Но, она што отвара дилема е дали доведувањето на купувачот во тесно, односно дознавањето дека треба да плати камата на основната цена дури на каса, пред да го плати производот, не влијела на него да донесе одлука за купување која не би ја донел во друг случај. Прашуваме дали купувачот би го однел на каса производот ако знаел дека ќе треба да плати дополнителна камата ако го купи на рати со картичка. Трговецот има законска обврска да го информира купувачот за цената или начинот на кој се пресметува цената. Од приложената фотографија се гледа дека на производот е истакната редовната цена, haPPy цената и haPPy цената до 48 рати за купување со потрошувачки кредит со НЛБ банка. Како што се гледа, каматата со вкупните трошоци (СВТ) за овој кредит е 16,73 отсто. Никаде не стои камата од 5 отсто или дека таа се наплаќа при купување на 5 рати со картичка. Очигледно е дека купувачот кога го видел производот на рафот во продавницата не добил соодветна информација од истакнатите цени за тоа колку треба да плати за него. А, според одредбите на Законот за заштита на потрошувачите, трговците кои не ја истакнуваат цената на производите на законски начин подлежат на санкции поради измамничко однесување.
Во „Нептун“ објаснуваат дека камата наплаќаат согласно стекнатата Дозвола за кредитори, односно Дозвола за одобрување на давање на потрошувачки кредити од Министерството за економија со број 25-4899/3 од 05.11.2014 година, согласно Законот за заштита на потрошувачи при договори за потрошувачки кредити. Но, доколку „Нептун“ во овој случај работел според овој закон, останува нејасно зошто трговското друштво, било да се јавило во улога на кредитор или на кредитен посредник, на потрошувачот не му доставило пред договорни информации или да му понуди да склучат договор за потрошувачки кредит во писмена форма. Исто така, на потрошувачот не му било презентирано ниту овластувањето на кредитниот посредник од кредиторот.
Како што веќе објавивме, откако потрошувачот побарал износот да го плати со картичка и да му биде поделен на пет рати, на каса му била пресметана дополнителна камата од 5 отсто. Со ова, купувачот двапати ќе плати камата, еднаш на „Нептун“ и втор пат на банката или финансиската институција која ја издала картичката.
При ваков тип на плаќање, вообичаено е трговецот само да ја провлече картичката на ПОС терминалот и да го внесе бројот на ратите, а купувачот да го потпише слипот, на кој има информации за бројот на рати, и со тоа да ја потврди трансакцијата. Веднаш потоа, банката прави резервација на целиот износ од кредитната картичка и секој месец ќе одзема една рата од износот на клиентот, а трговецотго добива целиот износ од трансакцијата веднаш.
Очигледно е дека има многу нејаснотии во овој случај. Затоа, во интерес на потрошувачите, нашите читатели, остануваме отворени како за „Нептун“, така и за надлежните државни институции, и ги повикуваме целосно да ја истражат оваа пракса, а ние сме подготвени сознанијата да ги објавиме.
М.Б.
