Една блок трансакција на „Фершпед“ направи поголем промет од сите акции заедно за сите пет трговски дена
Самонаречени „маркет – мејкери“ во стилот на „Монти Пајтон“ се обидоа со 100 истргувани акции да ја уриваат цената на акцијата на „Стопанска банка Скопје“ во деновите кога банката објави историски рекордна годишна добивка од 24,5 милиони евра!
Скромна трговска седмица во која акцијата на „Алкалоид“ оствари безмалку половина од прометот со сите акции кои се тргуваа на Официјалниот пазар и во која ниту една акција не се тргуваше во сите пет трговски дена. Седмица која ќе биде запаметена и уште по два други настани. Прво, уште еден „бисер“ на нашиот пазар на капитал и негови „играчи“ односно „маркет – мејкери во обид“: се обидоа, безуспешно, во седмицата кога „Стопанска банка Скопје“ објави рекордна добивка да ја туркаат цената на нејзината обична акција. Им „успеа“ со 80 акции на цена од 351 денар и со уште 20 акции на цена од 361 денар. Зачудувачки за секој што бара логика, но реалност на нашиот пазар на капитал. Второ, во една блок трансакција со 147 акции со право на глас во „Фершпед“ по единечна цена од 130.000 денари за акција, беше остварен промет од 19,11 милиони денари. А тоа е повеќе од прометот со сите други акции остварен во текот на целата седмица на сите сегменти и подсегменти на нашиот пазар на капитал.
Од блу-чиповите очекувано „Алкалоид“ повторно беше најголемиот генератор на активности на нашиот скромен пазар на капитал. Во четири дена оствари промет од 8,4 милиони денари во ценовна маргина од 5.500 до 5.350 денари за акција. Во споредба со претходната седмица прометот со таа акција е понизок за 2,1 милиони денари. Како и да е и понатаму може да се очекува дека таа акција ќе остане во фокусот на нашите инвеститори , краткорочно, заради две работи. Прво, тоа е очекувањето за исплата на дивиденда која се очекува да биде повисока од 220 денари за акција и второ, веста што беше објавена во петокот дека Живко Мукаетов, најголемиот поединечен акционер воедно генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ докупил 1.200 акции во „Алкалоид“ што за сите инвеститори е позитивен сигнал.
Втора акција според остварениот промет изненадувачки е „Скопски пазар“ со реализација од 1,9 милиони денари во два дена , во ценовна маргина од 7.560 до 7.400 денари за акција. Сега од оваа перспектива поизгледно е тоа што и претходно го претпоставувавме – дека во „Скопски пазар“ на некој начин тече консолидација во акционерската структура. Втор нов момент е тоа што континуитетот во купување акции можеби значи и дека сега може да се очекува солидна дивиденда која можеби ќе биде исплатена од акумулираната добивка која според официјалните податоци за првото полугодие лани изнесува солидни 7 милиони евра!
Трета според обемот на тргување е „Комерцијална банка“ со реализација од 1,1 милиони денари – промет преполовен во споредба со претходната седмица. „Комерцијална банка“ овој промет го оствари во маргина од 2.000 денари до 1.965 денари и се тргуваше 4 дена. Најавата дека „Комерцијална банка“ за лани нема да подели дивиденда, што официјално е објавено какао предлог одлука со која добивката ќе оди во резерви, веројатно дополнително натера поголем број на потенцијални инвеститори да „кренат рачна кочница“ и да почекаат во рововската битка на нерви. За одбележување на сегментот „берзанска котација“ е тоа што акцијата на „Витаминка“ се тргуваше се тргуваше 4 дена што е солидна ликвидност на оваа акција. Солиден е и прометот 0,9 милиони денари остварен по единствена цена од 8.860 денари. И тоа остварен во седмицата кога компанијата објави дека лани остварила 2 милиони евра поголем промет на домашниот пазар, но има преполовена добивка во споредба со 2013 година.
Слично
