Еди Рама во четири очи со Александар Вучиќ
Албанскиот премиер Еди Рама денеска пристигнува во официјална посета на Белград. Пречекот во главниот град на Србија е закажан за 11 часот. Најпрвин е планирана 20-минутна тет-а-тет средба на двајцата премиери, а потоа состанок и на двете делегации. Вучиќ и Рама ќе одржат и заедничка пресконференција и ќе потпишат спогодби, за кои не се прецизира на што се однесуваа.
Попладнево во Белград ќе се одржи и тркалезна маса на тема „Соработката меѓу Србија и Албанија“, како и српско-албански бизнис форум. Рама утре од Белград заминува за Прешево, каде што ќе се обрати на митинг во Домот на културата.
„Со оглед на тоа што имаше претпоставки дека масовни собири би можеле да предизвикаат немири во Прешевската Долина, а особено во контекст на тензиите по натпреварот Албанија - Србија, се решивме за затворен простор“, објаснува Шкељзен Малиќи, советник на Рама.
Посебни состаноци со албанските политичари во јужна Србија не се предвидени.
И додека во Прешево на Рама му се подготвува пречек како „втор премиер“, на Косово утрово осамнаа билборди за поддршка на Вучиќ. „Добредојде премиеру Вучиќ“ и „Ние имаме само еден премиер - Вучиќ“ стои на билбордите за кои не се знае кој ги нарачал, а кои се поставени во сите општини со српско население во Косово.
Посетата на Рама во Србија се смета за историска, затоа што е прва посета на албански премиер во оваа земја по повеќе децении. Но, истовремено, таа доаѓа во исклучително чувствителен момент, особено по инцидентите на фудбалскиот натпревар Србија-Албанија, за кои српските власти го обвинуваат токму братот на албанскиот премиер.
Слично
