Еди Рама: Косово и Албанија се една земја и еден народ
Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека треба да се постават општо национални основи во регионот. Тој го рече за време на своето обраќање за време на посетата на Приштина, каде се одржува третата заедничка средба на владите на двете земји.
Според неговите зборови Косово и Албанија се "една земја, еден народ, еден заеднички сон". Тој исто така изјави дека со секој изминат ден мостот меѓу границите на земјите станува посилен.
Зборувајќи за правата на Албанците во српските општини Прешево, Медвеге и Бујановац, Рама рече дека овие права треба да се почитуваат исто колку оние на малцинствата во Косово и Албанија. Рама, посочи дека според него обединувањето на двете држави ќе се случи под знамето на Европската унија.
Во своето обраќање премиерот рече дека односите меѓу Приштина и НАТО треба да бидат институционализирани. Тој посочи и дека го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина и продлабочувањето на соработката на сите земји во регионот, пренесуваат агенциите.
Првата заедничка седница на кабинетите на Тирана и Приштина беше на 11 јануари 2014 година во Призрен, а втората - на 23 март 2015 година во Тирана.
