Економија, финансии, бизнис

Контакт

Еден викенд годишно без ДДВ, субвенционирање на потрошувачки кредити – нов пакет мерки на СДСМ

Еден викенд годишно без ДДВ, субвенционирање на потрошувачки кредити – нов пакет мерки на СДСМ
Еден викенд годишно без ДДВ,  проект „Потрошувачки кредит“, програми за вработување на младите и враќање на работничките права се само дел од мерките во новата опозициска програма со која треба да се зајакне средната класа во Македонија. Како што изјави денеска опозицискиот лидер, Зоран Заев   во Македонија се живее многу тешко, а според она што СДСМ го забележале на терен  измачени се и земјоделците и сопствениците на поголемите фирми. Едните, вели тој се уште чекаат субвенции , кај другите е намалено производство бидејќи граѓаните немаат пари. „Луѓето внимателно слушаа за мерките со кои СДСМ планира да ја врати средната класа во државата. Ние нив уште повнимателно ги слушавме. Видовме интерес, видовме доверба и видовме желба, да биде поинаку. Тие се за нас уште посилна обврска, да опстоиме во нашиот принципиелен концепт што го исправивме пред оваа непринципиелна власт“, посочи Заев. Новата програма, смета тој, е програма за враќање на државата на вистинскиот пат. Со мерката „ДДВ викенд“, СДСМ планира еден викенд во годината, на почетокот на месец септември – пред почетокот на есента и новата учебна година – да биде викенд без наплаќање на ДДВ, што ќе ги поевтини производите. За проектот „Потрошувачки кредит“пак од Буџетот ќе бидат издвоени до 5 милиони евра годишно за делумно субвенционирање на каматата на потрошувачките кредити кои ги користат граѓаните. „Притоа, каматната стапка ќе биде ограничена, а Владата би субвенционирала до една четвртина од трошоците за каматата. По корисник, кредитот ќе биде лимитиран на износ до три илјади евра, а ќе биде наменет за граѓани кои имаат месечна нето плата под 20 илјади денари. Останатите услови на кредитот ќе бидат договорени со банките“ објасни претседателот на СДСМ. Тој најави и дополнителни мерки кои ќе стимулираат вработување на млади лица,  со што работодавачите ќе ги ослободуваат одредено време од плаќање придонеси,  ќе воведуваат месечна финансиска поддршка при вработување лица до 27 години, владина поддршка за стажирање на младите.Заев најави дека ќе воведат и повеќе програми за пракса и стажирање, а со цел младите полесно да најдат работа. Во делот на мерките за враќање на скратените работнички права најавуваат строга инспекциска контрола за почитување на евиденцијата и плаќањето на дополнителните работни часови, но и целосно искористување на претпистапните фондови на ЕУ за поттикнување на работувањето. И на ова реагираа од ВМРО ДПМНЕ. Велат предлозите што ги слушнавме од СДСМ се недоречени, недефинирани, без рокови, буџет, носители и целосен приказ. Покрај тоа, СДСМ не ги следи случувањата и предлага нешто што веќе го имаме реализирано. Даваме многу повеќе за граѓаните од она што го предлага Заев, истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов како реакција изјавите на Заев. „СДСМ зборува за вработување, а во деведесетите години отпушти од работа скоро 200 илјади работници. Владата на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 година досега вработи над 100 илјади лица. Кога ја преземавме власта од СДСМ невработеноста беше 38 отсто, а сега е 28 проценти“, истакна Спасов кој додаде дека за вработување владата дава многу повеќе од што предлага СДСМ.
Слично

Поврзани вести