Економија, финансии, бизнис

Контакт

Еден од најискусните македонски бизнисмени ќе застапува странски компании

Еден од најискусните македонски бизнисмени ќе застапува странски компании

Еден од најпознатите бизнисмени во Македонија, Кочо Моцан, започнува нова дејност во Македонија со која ќе посредува и ќе застапува странски компании-потенцијални инвеститори во земјата.

Бизнисменот кој го одбележа работењето на Технометал Вардар, како и еден од најголемите акционери на „Макошпед“, ја менува долгогодишната адресата на живеење од Франкфурт во Скопје со основање на „КММВ Инт“.

- Јас сум условно во пензија, но и натаму сум деловно активен. Постојат заинтересирани компании од Германија, Австрија и Италија на кои им се потребни информации за македонскиот пазар. Јас сакав сето тоа да се одвива преку официјални канали и затоа го основав ова друштво, ни изјави Моцан.

Тој вели дека поголемиот дел од изминатите 30 години ги минал во Германија и дека во Македонија ќе работи со дозвола за престој.

- Јас сум германски државјанин, а познато е дека Германија не дозволува дуално државјанство ако доаѓате од земја што не е во Европската Унија. Затоа беше потребно прво да обезбедам дозвола за престој. Сепак поголем дел од времето планирам да го поминувам во Скопје и Крушево, а помалку во Германија. Значи не може да се каже дека јас се враќам во Македонија, вели Моцан.

Во сопственост на семејството Моцан е винаријата „Мовино“ од Росоман, а крушевскиот бизнисмен долги години беше еден од најголемите продавачи на македонското вино во Германија. Вели дека германскиот пазар за македонското вино е стабилен, но дека има ситуации кога се соочува со нелојална конкуренција.

- Во Германија се продава 20 милиони литри македонско вино, главно по наливен програм. Но, сепак потребно е поголемо единство за да не ни ги рушат позициите таму, тврди искусниот бизнисмен.

Моцан во јавноста е познат како акционер на „Макошпед“, а беше и на чело на фирмата-ќерка на „Технометал Вардар“ во Франкфурт, „Технометал-ГМБХ“ со четири децении присуство на германскиот пазар. 

Моцан во 2014 го продаде крушевскиот производител на текстил „Голд текст" кој во тој момент имаше 60-тина вработени и готови производи наменети за извоз во Западна Европа.

А.К.

Слично

Поврзани вести