Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕДЕН МЕСЕЦ ОД ПОПЛАВИТЕ: Нема конечен биланс на жртвите-ниту пари на сметките !

ЕДЕН МЕСЕЦ ОД ПОПЛАВИТЕ: Нема конечен биланс на жртвите-ниту пари на сметките !

Денешните врнежи ја вратија во сеќавање вечерта на 6-ти август кога главниот град и околните села беа зафатени од големо невреме кое однесе десетици човечки животи.

Надлежните се уште официјално не го откриваат точниот биланс на настраданите а неофицијалните информации кои се појавија во јавноста за повеќе од 23 загинати не излезе ниту една институција да ги негира.

Еден месец по страшното невреме, граѓаните уште чекаат авансно обештетување. Малкумина ги добиле ветените 500 евра, барем според сведочењата на загрозените семејства од Стајковци, Сингелиќ, Ченто , Брњарци, Арачиново,...

Жителите на Стајковци велат дека проблем им создаваат административните процедури пред да дојдат до парите за отштета.

Расфрланите предмети во дворовите на многу семејства се нем сведок и ден денес за невремето кое го погоди и Сингелиќ.

За три дена стотици семејства останаа без домовите, работилниците, без покрив над глава за кои цел живот печалеле.

Бурата им ја удави надежта, го промени нивниот живот, нивната суднина, спокојство.

Оттогаш ништо повеќе не е исто.

„Триесет години труд и мака ги снема во миг, сега почнуваме живот од нула. Дали сонувам, дали ова е само лош кошмар се прашувам секогаш кога ќе се свртам наоколу. Неможам да си објаснам што не снајде Прво што помислив за да се утешам од страотната слика е дека домашните ми се живи и здрави. Добро е, тоа е најбитно. А потоа повторно се свртев наоколу, тоа остана од нашите надежи”- раскажува за Фактор Трајко Петковски видно потресен.

Се сеќава дека за петнаесетина минути семејниот дом бил преплавен во река од кал, носејќи се пред себе

“Куќата, дворот се ми беше поплавено. Водата полека се повлече но зад себе остави кал, остатоци од фекалии. И по две недели мака мачиме да ја исчистиме. Од општината ни рекоа  дека ќе ни донесат лопати, цел алат што го имавме се испокрши. Со денови сами чистиме, а рачно тешко оди. Во мојата куќа нема пристап за механизација и морам рачно да чистам”- раскажува Круме Трпковски од Илинден.

Трагедијата според жителите на Илинден можела да биде спречена доколку навреме бил исчистен каналот. Но поради несовесниот однос на некои од соседите кои не дозволувале багерот да помине низ нивниот имот за да обезбеди пристап за расчистување, куќите кои биле во близина на каналот биле први на удар на надојдената вода.

“Таква вода не паметиме. Вистинско езеро. Не се познаваше ниту дворот ниту влезот на куќата. Можеше да се спречи или со навремена интервенција на надлежните или со разумна реакција на терен, но очигледно надвладеа лошотилакот кај народот, па сега дупло ќе се мачиме. Се што сме граделе со години да гледаме како заминува во неповрат”- раскажува жителка на Илинден.

Жителите на Стајковци пак видно изморени, велат дека покрај тоа што го изгубиле кровот над глава се будат со надеж која им ја додоа солидарните граѓани.

„За една ноќ изгубивме се што печалевме и за што живеевме цел живот.Изморени сме, разочарани од односот на институциите. Ни ветија обештетување. Малкумина досега земаа аванс, но тие пари не можат да ни го вратат она што го изгубивме, ниту да ни помогнат да заборавиме што преживеавме“, ракажуваат жителите .

Со време , велат можеби ќе се поправат материјалните штети, но не и стравот, болката и стресот кој го преживеале.

Поплавите ги уништија земјоделските посеви, се чекаат резултатите од почвените анализи

Според првичните проценки уништени се околу 1.000 хектари земјоделски ппсеви.Во овој период се чекаат резултатите од почвените анализи земени од погодените региони. Пред почетокот на есенската сеидба, поголемиот дел од земјоделците од погодените региони, оваа година ќе испуштат есенската сеидба. А оние чии посеви не се толку уништени треба да преземат сет мерки за прочистување на почвата. Со преземање на овие мерки, некаде за побрз временски период, некаде за подолг период според нашето мислење ќе бидат обезбедени услови за производство на безбедни земјоделски производи, вели во интервју за Фактор професор д-р Татјана Миткова од Факултетот за земјоделски науки и храна.

„Со поројната вода и поплавите не е зафатена целата земјоделска површина. Се проценува дека деградирани се не повеќе од 1000 хекатри. Состојбата со земјоделското земјиште е различна во одделните населени места според местоположбата, односно дали се тие во горниот, средниот или долниот дел на теренот зафатени со поројната вода и нешто како техничка непогода (како прелевање преку брана) под обиколницата.Лево и десно од местата каде поминала поројната вода нема оштетувања на почвата и земјоделските култури.Во горниот дел на теренот се забележува целосно еродирање на почвите, така што на одделни места се појавува супстратот, се забележува и големо присуство на механички елементи (скелет, крупни камења) кои поради силата на поројната вода се истркалани и останати на самата површина, во овој дел покрупните, и оние со помала димензија во средниот дел на теренот.Во средниот дел на теренот се забележува наносен материјал донесен од горниот дел на теренот со кој е покриено земјоделското земјиште. На различни места дебелината (длабочината) на наносот е различна (10, 20, 30, 40 санитемтри. Секаде каде се движела поројната вода е уништена инфраструктурата на земјоделците (пластеници, фолии, систем капка по капка) и исто така забележавме затрупување на бунарите (полнење со материјал/нанос). Затрупани се или однесени се земјоделските култури кои се одгледувани во овој дел: градинарски култури, јагоди, пченка, некаде и тутун, овоштарници. Поради конфигурацијата на теренот во најдолните делови се јавува лежење на водата на самата површина како резултат и на плитките подземни води. По повлекување на водата овде се забележува нанос од најситни честици (мил), чија длабочина и состав е различен. Земени се проби и за ова ќе има повеќе објаснување кога ќе бидат готови лабораториските анализи и од Лабораторијата за плодност на почвата и ѓубривата и од Лабораторијата по микробиологија“, вели Миткова.

Рокот за пријавување на штети истекува утре

Рокот што го даде Владата за пријавување на настанатите штети од поплавите истекува утре.

Ова се однесува за штети на недвижниот имот, движниот имот, моторните возила, земјоделските површини и сточниот фонд од поплавите кои се случија на 6 август за оштетените од населените места Стајковци, Сингелиќ, Инџиково, Економија, Ченто, Брњарци, Страчинци, Виниче, Црешево, Булачани, Раштански пат, Смилковци, Арачиново, Илинден, Шуто Оризари и Шипковица.

Жителите од овие населени места кои уште не ги пријавиле штетите од поплавите, утре заклучно со крајот на работното време до 16.30 часот, тоа може да го направат во општините Гази Баба, Арачиново, Илинден, Шуто Оризари и Тетово, или, пак, во подрачните единици на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство во Гази Баба и Тетово.

Владата, на барање на оштетените еднаш го пролонгираше крајниот рок за пријавување на штетите од поплавите.

Слично

Поврзани вести