Еден километар од Кичево - Охрид се гради два месеци: Новиот договор со „Синохидро’’стаса во Собрание
Владата предлага по скратена постапка да се донесе Законот за изградбата на автопатот Кичево- Охрид со кој треба да се усвои нов анекс и да се продолжи рокот што кинеската компанија Синохидро како изведувач го има за да го доврши проектот. Како што веќе објави и Владата наместо веќе да е готов, како што беше предвидено првично, со анексот рокот се пролонгира до 31 декември 2023 година. Кинезите ќе имаат точно 3.531 ден од денот кога почнале за да ги изградат тие 57 километри колку што се долги сите делници меѓу двата града. Изградбата почна во 2014 година, а со новото пролонгирање всушност значи дека еден километар од автопатот ќе се гради за над 60 дена или за два месеци.
Во законот стои дека се предлага да се носи по скратена постапка затоа што не станува збор за обемен и сложен закон. Додадено е и дека новиот анекс не носи нови трошоци од буџетот, но во предлог законот нема рокови за тоа како ќе се пушта автопатот во употреба. Тоа веќе беше проблем на усогласување меѓу Владата и Синохидро. Додека Владата бараше Кинезите да довршуваат делница по делница и да ја пуштаат во употреба, тие на тоа не се согласуваа. Имено ако целиот автопат од Кичево до Охрид е во пет делници, Синохидро инсистирале во употреба да се пуштат сите заедно или пак барем евентуално прво две па останатите до крајниот рок. Во анексот такви детали нема, но стои дека изведувачот е должен секој месец, најдоцна до 10 во месецот, до Јавното претпријатие за државни патишта да доставува и да презентира редовни месечни извештаи за извршените работи и прогресот на активностите од претходниот месец.
За реализација на сите градежни активности за изградбата тие во рок од 90 дена треба да доставуваат финален извештај за завршените градежни работи до вршителот на надзорот на градбата, а вршителот на надзорот на градбата во рок од 90 дена од добивањето на извештајот од изведувачот доставува извештај до Јавното претпријатие за државни патишта
Претпријатието треба да ја информира и Владата. Инаку Синхидро, стои во анексот, треба да обезбеди и банкасрки гаранции за до крајот на периодот на изградба. Пред четири дена министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изјави дека од 70 -те нови репроектирања на автопатот Кичево - Охрид, за само два месеци државата изготвила и одобрила 35 проекти.
„Очекувам час поскоро Собранито да го изгласа Анекс на договорот за да се овозможи силна градежна активност на автопатот, изведувачот има обврска со конкретни рокови да ги заврши петте делници од автопатот, односно да биде целосно завршен до декември 2023 година, рече Бочварски.
Инаку Синохидро го гради овој автопат за 598 милиони евра. Иако во анексот нема зголемување на сумата потребна за изведувањена работите во јули годинава Јавното претпријатие за државни патишта склучи договор вреден над 8,2 милиони евра со Градежен институт Македонија за надзор на докомплетирањето на градежните работи на автопатот кој всушност е нов трошок. Станува збор за условен договор кој се реалзиира кога ќе продолжи и изградбата, но тие пари секако се дополнителна сума која ќе ја покрива државата. За милионскиот договор и надзорот Градежниот институт Македонија се здружи со скопската компанија Евро консалтинг.
На 30 јуни годинава заврши вториот рок за завршување на изградбата на автопатот Кичево-Охрид кој се гради од 2014 година.
Во новиот договор со ГИМ, пак кој е со рок на траење од 65 месеци или 5 години и пет месеци, 41 месец се за изградба на автопатот, а другите се за надзор во фазата по изградбата. Во делот кога ќе се гради, Јавното претпријатие всушност остава простор од 11 месеци од сега планираните ако евентуално има некои пролонгирања.
Откако ќе се пролонгира, ова ќе биде второ продолжување на рокот за изградба на оваа автопатска делница. Првично беше најавено да е готова во 2018 година, но со анекс на договорот се продолжи рокот до 30 јуни годинава. Тогаш, се зголеми и цената на чинење на автопатот на вкупно 598 милиони евра.
А.Т.
